Следи нѐ
To Top

МАРТИН ГАРИКС: „Скопје колинг ќе биде навистина луда забава!“ (ЕКСКЛУЗИВНО ИНТЕРВЈУ)

Млад, згоден и број 1 во листата на најдобри диџеи за 2016 година – со овие зборови на кратко може да се опише Мартин Гарикс, хедлајнернот на овогодинешниот фестивал „Скопје колинг“.

Екипата на Популарно.мк со уште една ексклузива, овој пат одблиску со Гарикс кој одговараше на нашите и вашите прашања.

реклама

Кога станува збор за ѕвезда од калибарот на Мартин, навистина претставува предизвик да се оствари контакт, а посебно да се организира скајп интервју, па затоа сме горди што од целиот балкански регион ја имавме ексклузивната можност накратко да поразговараме со ова младо и успешно момче.

Иако светските магазини го претставуваат како милионер кому славата му удрила в глава, сепак ние наидовме на скромно момче кое ужива во остварување на својот најголем сон – да прави музика.

2016 – година на награди и успеси

Мартин Гарикс со своите 20 години ја носи титулата број 1 во светската листа на диџеи, има повеќе од 5 милијарди прегледи на музичките платформи и голем број на престижни награди. Па, го прашавме, како го коментира успехот?

– „Навистина сум среќен што можам да го работам и да заработувам од тоа што најмногу го сакам. Сите овие успеси и награди што ги наброивте за мене претставуваат голем предизвик и мотивација да работам уште повеќе, но најголемата награда е патувањето низ целиот свет со мојата музика и поврзување со фановите преку музиката.“ – вели срамежливо Гарикс.

Луѓето го знаат како Мартин Гарикс, но неговото вистинско име е Мартин Жерард Гаритсен. Тој вели дека е сѐ уште истиот Мартин од пред неколку години, пред да ја добие славата.

– „Не сакам луѓето да мислат дека се чувствувам како голема ѕвезда. Јас сум сѐ уште истото момче кое пред неколку години работеше на својот стар компјутер и направи животна одлука да не продолжи со студиите, туку да започне нова страница во животот и да се запише на академијата за диџеи. Јас сум истиот Мартин, само со променет животен стил…“ -низ смеа додава тој.

Тој издвои дел од успесите кои му се случија изминатата година, а заслугата за истите ја даде на фановите.

– „Основав моја продуцентска куќа, потпишав договор со Сони Мјузик, го направив хитот на годината заедно со Биби Рекса, добив голем број на награди на Европските музички награди на МТВ и дури добив животно одликување од мојот идол, диџејот Тиесто. Можам само да кажам дека навистина сум среќен што можам да го доживеам сето ова и целата заслуга ја давам на моите најголеми поддржувачи.“

Инаку Мартин Гарикс се прослави со хитот „Animals“ во 2013 година, кога стана најмладиот продуцент на електронска музика кој имал најслушан хит во актуелната година. Од тогаш до денес, хитот „Animals“ има повеќе од 1 милијарда прегледи на Јутјуб, а уште толку повеќе на платформите за музички стриминг како Спотифај и Епл мјузик.

Хитот на годината го направи со Македонка

Зборувајќи за хитот на годината, не можеме, а да не се согласиме дека соработката на Мартин и Биби Рекса „In The Name of Love“ ги урна рекордите на слушаност на светските топ листи, а во Македонија беше на врвот дури пет недели.

Интересно е тоа што младата пејачка Рекса која е родена во Америка, потекнува од Македонија, односно нејзините родители живееле во Гостивар, односно Дебар, од каде се преселиле во САД.

Не можевме, а да не го прашаме – дали знае дека најголемиот хит за 2016 го направил со Македонка?

– „Ако ми верувате, навистина знаев! Колку откачено е тоа! (се смее) Се радувам што заедно го направивме најслушаниот хит изминатата година. Сум слушнал дека во Македонија има навистина талентирани музичари, а чим го слушнете гласот на Биби, веднаш ќе ви стане јасно од каде потекнува!“ – радосно ни кажа Мартин.

Додаде дека Биби е навистина одлична пејачка и дека го обожува нејзиниот карактер, но и дека уживал во настапите на заедничкиот хит.

Накратко рече: „Биби е одлична, навистина многу ја сакам!“.

Иако е светски познат и соработувал со ѕвезди како Џастин Бибер и Ушер, сепак имал ситуации кога колегите музичари одбиле да соработуваат со него.

– „Една интересна ситуација која би сакал да ја споделам е соработката која ја подготвував со Ед Ширан. Работевме навистина долго на песната која требаше да биде водечки сингл на неговиот нов албум, но на крај неговиот менаџмент одлучи воопшто да не ја објави. Јас сепак ја претставив пред публиката на фестивалот Ултра, но за жал официјалната верзија, по се изгледа дека нема да ја слушнеме“ – вели тој.

Зборувајќи за соработките, издвои дека најспектакуларно му било дружењето и работењето со Ушер:

– „Бев во исто студио со Ушер, кој инаку е мој идол од детството, и во себе си велев – ова е Ушер, а јас седам до него и заедно работиме на нашата заедничка песна! Навистина откачено!“ – низ смеа се сеќава Мартин.

Од останатите успешни соработки, ги издвои оние со Биби Рекса и Дуа Липа, а сонува да направи заедничка песна со Фарел Вилијамс.

„Скопје колинг“ ќе биде голема забава

На 23 јуни во Скопје се одржува второто издание на фестивалот „Скопје колинг“ каде оваа година главен хедлајнер е токму Мартин Гарикс.

Локацијата за одржување на овогодинешното издание на фестивалот беше префрлена од Телеком арената на стадионот АРМ, а организаторите велат дека причината за тоа е интензивната реконструкција на стадионот поради актуелното одржување на Суперкупот на УЕФА во Скопје овој август.

Гарикс вели дека е возбуден за своето прво гостување во нашиот главен град:

– „Скопје колинг ќе биде навистина голема забава! Ќе биде лудница, не се сомневајте! Ова е мое прво гостување во Скопје и морам да оставам добра импресија. Јас и мојот тим секогаш се трудиме да правиме спектакуларни шоуа, па се надевам дека моите фанови во Македонија ќе бидат задоволни и присутни во голем број.“

Иако неговиот тим не открива дали Мартин ќе има време да се прошета и да го разгледа нашиот главен град, сепак ние успеавме да дознаеме дека младиот диџеј ќе допатува во Скопје на 23 јуни и ќе мора да замине веднаш за Лил, Франција каде што наредниот ден има дури два настапи.

Тој ни изјави дека иако е многу зафатен, секогаш наоѓа време за своите фанови.

– „Во моментов се наоѓам сред турнеја и навистина понекогаш претставува голем проблем немањето на време за уживање во местата кои ги посетувам. Секако, во Скопје ќе одвојам време за да се запознаам со моите фанови“ – додава диџејот.

Во однос на актуелната турнеја и новиот материјал, интервјуто го направивме еден ден по светската премиера на новиот хит и соработка на Мартин со Трој Сиван, песната „There For You“, која голем број од медиумите ја најавија како новиот летен хит.

Мартин ја искористи можноста да направи мала промоција: „Беше убаво искуство да се работи со Трој, тој е прекрасно момче, многу талентиран музичар и има убав глас. На почетокот песната ја работев со мојот вокал, но Трој целосно го смени текстот и ја направи песната магична. Задолжително слушнете ја!“

Го прашавме, каде треба да бидеме на 23 јуни?

– „На Скопје колинг, па тоа се разбира!“ – низ смеа кажа Мартин.

Екипата на Популарно.мк најавува ексклузивно дружење со Мартин Гарикс во Скопје, а деталите околу тоа ќе ви ги најавиме преку нашите социјални мрежи фејсбук и инстаграм, каде директно ќе се вклучиме за разговор со познатата ѕвезда.

Вие го прашавте, Мартин ви одговори

На почетокот на месец мај организиравме ексклузивна можност и вие да му поставите прашање на Мартин, а ние го остваривме ветувањето и двете најинтересни прашања беа дел од нашето ексклузивно интервју.

Николина Славковска го праша Мартин дали се чувствува исполнет сега откако го оствари својот сон да стане диџеј или сепак постои нешто што публиката не знае за него, а Мартин сака да му се оствари во животот.

На ова, тој одговори:

– „Прво да ѝ се заблагодарам на Николина за убавото прашање. Можам да кажам дека сѐ што ми се случи досега во животот беше нешто надреално, нешто што никогаш не би сонувал дека ќе ми се оствари и секако ги надмина сите мои очекувања. Животот ќе ми биде исполнет кога ќе можам да станам ментор на други, млади и талентирани музичари и ќе им помогнам и нивниот сон да стане реалност!“ – мотивиран од прашањето ни одговори во еден здив.

Јасна Илиева, пак, го праша кое од местата кои ги посетил во светот било најмагично.

– „Навистина сум бил на многу места во светот, многу од нив убави и уникатни на свој начин и не би можел да издвојам некое што е најубаво. Но, кога ќе прашате кое било најмагичното место кое сум го посетил, тоа е Preikestolen во Норвешка, навистина нереално искуство!“ – одговори тој.

За младиот Мартин Гарикс има уште многу да се зборува, посебно за неговата енергија и харизма која успеа да ја пренесе дури и преку нашето интервју, но тоа го оставаме за нашата средба, лице в лице, во Скопје.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Интервју

реклама
error: Содржината е заштитена со авторски права.