Следи нѐ
To Top

Атрактивни гостувања од шест земји на „Битола Шекспир фестивал“

Со атрактивниот музичко-сценски колаж насловен како „Шекспир колаж“ во продукција на Народниот театар од Битола, во среда со почеток во 20 часот, свечено ќе биде отворен петтиот интернационален „Битола Шекспир фестивал“ кој годинава ќе се одржува од 21 јуни до 1 јули.

Со оваа културна содржина всушност започнуваат активностите кои ќе се одвиваат во рамките на најдолгото културно лето „Битфест 2017“.

реклама

Во 12-те фестивалски денови на „Битола Шекспир фестивал“, предвидени се гостувања на шест реномирани театарски куќи од Бугарија, Русија, Казахстан, Романија, Словачка и САД кои ќе презентираат различни видувања на творештвото на Вилијам Шекспир.

Со дела од англискиот драматург ќе се претстават и шест театарски куќи од Република Македонија.

На 23 јуни гостува драмскиот и куклен театар „Иван Радоев“ од Плевен, Бугарија кој ќе ја изведе претставата „Симбелин“ во режија на реномираната бугарска режисерка која негува одлични релации со македонските театарски куќи, Лили Абаџиева.

Од гостувањата на странските театарски куќи, на 25 јуни предвидена е и изведбата на монодрамата по мотиви од трагедијата „Хамлет“ на В. Шекспир, како претставата „Сонот на Хамлет“ на Академскиот драмски театар, Владимир од Русија. Претставата е во режија на Линас Мариус Заикаускас, а во неа учествува актерот Александар Аладишев.

За одбележување е и изведбата на претставата Хамлет – стапица во режија на Куандик Касимов, во изведба на Казак Драмски театар од Караганди, Казакхстан.

На 28 јуни, Куклениот театар Тандарика од Букурешт, Романија ќе ја изведе претставата „Сон на летната ноќ“ во режија на Кристијан Пепино. Истата вечер, пред битолската јавност ќе биде презентирана и претставата „Ричард Трети“ во режија на Џон Блондел, а во изведба на театарската компанија Лит Мун од Санта Барбара, Калифорнија.

Со поддршка на Советот на уметници на Словачка, на 29 јуни, театарот Контра, Спишка Нова Вес од Словачка ќе ја изведе монодрамата по мотиви од трагедијата „Магбет“ на Шекспир, режија, адаптација и дизајн на Клаудина Розин.

Ќе бидат изведени и пет претстави на македонските театари кои го негуваат творештвото на Шекспир и тоа: Турскиот театар ќе ја изведе претставата Отело во режија: Дејан Пројковски; Драмскиот театар ќе гостува со „Венецијанскиот трговец“ во режија на Наташа Поплавска; Театарот од Штип ќе ја изведе претставата „Ричард Трети“ во режија на Пламен Марков; Театарот од Струмица ќе ја изведе претставата „Дванаесетта ноќ“ (Ноќ спроти Водици) во режија на Дејан Дамјановски. Фестивалот ќе биде затворен на 1 јули со претставата на Театарот Комедија од Скопје, „Сон на летната ноќ“ во режија на Андреј Цветановски.

„Битола Шекспир фестивалот“, низ своите четири изданија, успеа да се етаблира како фестивал кој ги обединува некои од најдобрите остварувања на театарските куќи од светот кои презентираат свежи и смели пристапи кон творештвото на најголемиот драмски автор на сите времиња.

Во изминатите 4 години, нашата театарска критика и културната јавност имаа можност да проследат преку 35 претстави на националните ансамбли од 15 земји од светот кои ни предочија различни ракописи и погледи на маестралното творештво на Шекспир.

Започнувајќи од 2013 година, Битола беше домаќин на театарски куќи од Кина, Израел, Мексико, Турција, Србија, како и на легендарниот Глоуб театар од Лондон, кој на локалитетот „Хералклеа“ настапи со претставата „Хамлет“.

Исто така, овој театарски фестивал беше и голема провокација за македонските театари кои изминатиот период се почесто ги поставуваат делата на Шекспир на својот репертоар.

Фестивалот е дел од мрежата на европската асоцијација на Шекспир Фестивали во која членуваат земји кои со голем пиетет го негуваат вербалното и сценското богатство на Шекспир. „Битола Шекспир фестивал“ се одржува покровителство на Министерството за култура и општина Битола.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: МК Сцена

реклама
error: Содржината е заштитена со авторски права.