Следи нѐ
To Top

ДИМИТРОВ: Македонија не извршила разузнавачки дејства против Србија

Владата на Република Македонија ниту имала намера, ниту дала наредба или инструкција, ниту извршила разузнавачки дејства против и на штета на некоја од нашите соседни земји вклучувајќи ја тука и Србија.

Ниту, пак, некогаш ќе размислуваме во оваа насока. Институциите на државата работат согласно законот за заштита на уставниот поредок и на граѓаните на Република Македонија, изјави министерот за надворешни работи Никола Димитров попладнево на прес-конференција во Владата.

реклама

Во однос на потегот на Србија да го повлече својот амбасадор и целиот персонал од Амбасадата наводно поради офанзивно разузнавачко дејствување кон Република Србија, Димитров нагласи дека „токму луѓето во оваа Влада ги почувствувале последиците од незаконско прислушување и добро знаат што значи тоа“.

Рече дека биле изненандени од одлуката на официјален Белград и дипломатската нота во неделата, откога не е направен разговор со властите во Белград, и нагласи дека мора да се има трпение и да се добие официјална иноформација за што точно се работи, со што ќе се избегнат и шпекулации во интерес на двете земји и нивното пријателство.

– Суштината во пристапот кон регионалната соработка на новата Влада на Република Македонија се темели на решавање на проблемите кои постојат во регионот наспроти создавање проблеми. Тоа е политика на отворени врати и решенија, на нов, конструктивен и отворен пристап кон соседите. Тоа се решенија кои водат кон унапредување на добрососедството, соработката и партнерството со другите земји од опкружувањето. Убедени сме дека тоа е единствениот начин регионот одлучно да зачекори напред кон перспективите кои го носат европските и за оние земји и народи кои тоа го сакаат – евроатлантските интеграции. Успехот на нашите соседи е наш успех. Нашиот успех е успех на нашите соседи. Доколку постојат било какви недоразбирања, сметаме дека вистинскиот начин тие да се адресираат е директен разговор, дијалог, истакна Димитров.

Соопшти дека уште доцна попладнето во неделата, кога ја добил нотата на Амбасадата на Република Србија, веднаш му се јавил на министерот Ивица Дачиќ, но не успеал да го добие. Телефонски разговор побарале и вчера преку нашиот амбасадор во Белград.

– Добро е што има најави и од другата страна дека таков разговор ќе се случи најверојатно утре и со колегата Дачиќ ќе имаме прилика да оствариме разговор. Владата на РМ уште еднаш ги поздравува најавите од официјален Белград за заштита на пријателските односи и за враќање на состојбите во вообичаените рамки, истакна шефот на макеоднската дипломатија.

На прашање да ја коментира изјавата на министерот и потпретседател на Владата на Србија Дачиќ за пораката до Скопје дека Белград „знае се што договорале или за што се договарале“, Димитров одговори дека граѓаните на Македонија и на Србија во име на се што ги поврзува од минатото како дел од заедничка држава, а и во иднината – зашто се две земји кои се стремат кон ЕУ, заслужуваат за вакви теми да не се разговара врз основа на шпекулации.

– Затоа дијалогот е многу важен, затоа дипломатските канали се многу важни. Ние преку нашата Амбасада во Белград побаравме официјална информација за настанот и ќе биде лошо ако носиме избрзани заклучоци пред да добиеме таква информација. И ние сакаме да дознаеме со кого и што. Во два и пол месеци откако имаме мандат, единствената офанзива што ја преземаме е офанзива на развој на пријателство на Балканот. Сите спорови и дилеми ги гледаме низ таа призма, убедени дека или ќе успееме сите заедно, или нема да успееме сите заедно, рече Димитров.

Во таа насока, додаде, е и договорот за добрососедство со Бугарија, договорот со Албанија за заеднички седници на владите и неговата прва официјална посета на Грција.

– Тоа е единствената офанзива кон која се водиме. Должни сме кон важноста на ова прашање и значењето што го придаваме на нашето пријатрелство и блиски односи со Србија, должни сме да бидеме трпеливи и да дочекаме за што се работи, да добиеме официјална информација, да ја анализираме и потоа ќе споделиме со македонската и со светската јавност детали за ова прашање. Но мислам дека шпекулирање сега без официјална информација, може само да наштети, нагласи Димитров, додавајќи дека не сака да нагаѓа дали има и која е позадината на целиот настан и дека е убаво што утре ќе имаат можност за разговор со неговиот колега од Србија.

Време е на Балканот, рече Димитров, да излеземе од традиционалните перспективи во закопани ровови. – Да си подадеме рака, бидејќи заедно можеме многу да направиме. Време е да покажеме дека знаеме дека е 2017 година. И затоа оваа Влада, покрај силната домашна реформска агенда 3-6-9, се обидува овој дух да го рашири на целиот Балкан. И тоа се гледа. Немаме интерес да имаме вакви односи со Србија и убеден сум дека Србија нема интерес да има вакви односи со Македонија, истакна Димитров.

На новинарско прашање за написите во некои медиумикои потегот на Србија го поврзуваат со кандидатурата на Косово за прием во УНЕСКО, министерот одговори дека Македонија не е во позиција да има некаква водечка улога по тоа прашање.

– Бидејќи тоа прашање е важно и за нашиот сосед Србија, и за нашиот сосед Косово. Ги дели, бидејќи имаат суштински разлики во однос на тоа прашање. И сето тоа мораме да го имаме предвид и никако не сме во ситуација да имаме некаква водечка улога. Како елементи во градење на нашиот став по ова прашање ќе биде интересот на Белград, ќе биде интересот на Приштина, и ќе биде интересот, пред се, на Република Македонија. Не знаеме кога ова прашање ќе биде на дневен ред, можно е идната есен до кога многу работи може да се сменат, можеби и промени во ставовите на инволвираните страни. Кога ќе биде тоа прашање, тогаш ќе бидеме многу појасни, рече шефот на македонската дипломатија.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Вести

реклама
error: Содржината е заштитена со авторски права.