Следи нѐ
To Top

Заев и Вучиќ телефонски ќе разговараат за односите меѓу Скопје и Белград

Македонскиот премиер Зоран Заев и српскиот претседател Александар Вучиќ денеска треба телефонски да разговараат за последните случувања во односите меѓу Белград и Скопје и повлекувањето на целиот персонал од Амбасадата на Србија во Македонија.

Од кабинетот на претседателот на Србија за српските медиуми потврдиле дека телефонскиот разговор Вучиќ – Заев е закажан за денеска напладне во 12 часот.

реклама

Шефот на дипломатијата на Србија Ивица Дачиќ вчера најави дека и тој телефонски ќе разговара со македонскиот колега Никола Димитров, а планирана е и средба на српската премиерка Ана Бернабиќ со претседателот на Владата на Македонија, Заев, на средбата на премиерите на земјите од Западен Балкан во сабота во Драч.

Србија во неделата го повлече целиот персонал од Амбасадата во Скопје, првично без образложение на причините. Ден подоцна, во понеделникот, српскиот претседател Вучиќ и министерот за надворешни работи Дачиќ, објавија дека дипломатите и вработените во амбасадата во Скопје биле повлечени поради „офанзивна разузнавачка активност против институциите на Србија“.

Српскиот претседател Вучиќ синоќа во изјава за РТС рече дека  „работите меѓу Македонија и Србија ќе тргнат во подобар правец“. Најави дека за некој ден ќе биде вратен персоналот во амбасадата во Скопје и оти работите ќе се нормализираат. Вучиќ не очекува односите да бидат на највисоко ниво, туку, како што наведе, пристојни.

Потврди дека денеска ќе телефонски ќе разговара со Заев за актуелната состојба и за можностите за идна соработка.

Владата на Република Македонија ги поздрави најавите од официјален Белград за заштита на пријателските односи и за враќање на состојбите во вообичаени рамки.

Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров вчера на прес-конференција изјави дека Владата на Република Македонија ниту имала намера, ниту дала наредба или инструкција, ниту извршила разузнавачки дејства против и на штета на некоја од нашите соседни земји вклучувјаќи ја тука и Србија.

– Суштината во пристапот кон регионалната соработка на новата Влада на Република Македонија се темели на решавање на проблемите кои постојат во регионот наспроти создавање проблеми. Тоа е политика на отворени врати и решенија, на нов, конструктивен и отворен пристап кон соседите. Тоа се решенија кои водат кон унапредување на добрососедството, соработката и партнерството со другите земји од опкружувањето. Доколку постојат било какви недоразбирања, сметаме дека вистинскиот начин тие да се адресираат е директен разговор, дијалог, истакна Димитров.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Вести

error: Содржината е заштитена со авторски права.