//
Следи нѐ
To Top

Македонија слави 26 години самостојност

Република Македонија денеска одбележува 26 години од успешно спроведениот референдум на кој македонските граѓани се изјаснија за самостојна и суверена држава.

Убедливо мнозинство, над 95 отсто од граѓаните што излегоа на референдумот на 8 септември 1991 година позитивно одговорија на референдумското прашање „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“.

реклама

На референдумот му претходеше Декларација за независност што првиот повеќепартиски македонски Парламент ја усвои на 25 јануари 1991 година. Формално волјата на народот за самостојна држава беше потврдена со Декларација за прифаќање на референдумските резултати на 18 септември 1991 во Собранието на Република Македонија.

Македонија слави 26 години самостојност

Следен важен чекор во зацврстувањето на државата беше усвојувањето на новиот Устав на 17 ноември 1991 година. Сенка врз настаните со кои се поставија темелите на самостојна Македонија фрли бојкотот на референдумот од страна на дел од албанската етничка заедница и неподдржувањето на новиот Устав од пратениците Албанци. Десет години подоцна Уставот беше надополнет по конфликтот во 2001 и потпишувањето на Рамковниот договор.

Државноста на Македонија прва ја призна Република Бугарија, по што следуваа признавања и од Турција, Словенија, Хрватска, Русија, Босна и Херцеговина…

Државата се осамостои монетарно со воведување на денарот на 26 април 1992, а потоа доби и своја Армија која роденденот го слави на 18 август.

Меѓународно-правниот субјективитет на државата дефинитивно беше потврден на 8 април 1993 година кога со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации, Македонија беше примена за 181 полноправна членка на Светската организација. Поради противењето и притисоците на Грција, која не го прифаќа нашето уставно име, зачленувањето во ОН беше под привремената референца: Поранешна југословенска Република Македонија. Под покровителство на ОН, Скопје и Атина почнаа разговори за решавање на проблемот што го има Грција со уставното име на Македонија, кои се уште траат.

Во изминатите 26 години самостојно живеење македонската држава мина низ низа проблеми и тешкотии. Трицифрената инфлација на почетокот на 90-те години, грчкото ембарго, косовската бегалска криза и конфликтот во 2001 година беа вистински предизвици и закани за младата македонска држава што го забавија нејзиниот пат кон остварувањето на стратегиските цели – зацврстување на демократијата, економски развој и интеграција во евроатлантските структури. Последниве две години ги одбележa и политичката криза која предизвика застој во процесот на евроинтеграциите, која беше надмината со Договорот од Пржино, декемвриските парламентарни избори, формирањето на ново владејачко мнозинство кое треба да ги спроведе итните реформски приоритети.

И покрај исполнувањето на сите критериуми за полноправно членство во НАТО, на Самитот на Алијансата во Букурешт во април 2008 година, Република Македонија доби само условена покана за членство, откако Грција поради спорот за името го блокира приемот.

Во 2005 година Македонија доби статус на земја – кандидат за членство во ЕУ, а во 2008 и препорака од ЕК за почеток на пристапните преговори со Унијата, која беше повторена и во наредните години. Грција, по примерот со НАТО, ја блокира и македонската евроинтеграција, условувајќи со претходно решавање на прашањето за името.

По повод Денот на независноста, денеска делегација предводена од претседателот на Владата Зоран Заев на гробиштата во Бутел ќе положи цвеќе на гробот на поранешните претседатели на државата Киро Глигоров и Борис Трајковски, а делегација предводена од министерката за труд и социјална политика Мила Царовска ќе положи цвеќе пред споменикот „Ослободители на Скопје“.

Под мотото „Заедно кон врвот“, денеска во Крушево, во организација на Министерството за одбрана и Канцеларијата за врски на НАТО, се организира искачување на Бушева Планина. Настанот ја симболизира поврзаноста на Македонија со земјите партнери и нејзината стратешка цел – членство во НАТО алијансата. Најавено е присуство на министерката за одбрана Радмила Шекеринска, шефот на канцеларијата за врски на НАТО, морнаричкиот капетан Горазд Бартол, како и амбасадорите на Обединетото кралство и ЕУ, одбранбени аташеи во Република Македонија, припадници од МО и АРМ и претставници на граѓански здруженија.

Во Собранието на Република Македонија ќе биде врачена државната награда „8 Септември“ која се доделува во две категории – за животно дело и признание за остварувања во областа на спортот. Наградата за животно дело ќе му биде доделена на Иван Кочовски, а признанија за остварувања во областа на спортот ќе им бидат врачени на каратистот Петар Белистојановски, пливачот Александар Коцевски Џајо, ракометарот Ристо Магдинчев и кајакарот Ѓокица Николовски. Државната награда за животно дело претставува спортска пензија која му се исплаќа на носителот до крајот на животот, додека останатите четири државни признанија претставуваат еднократна исплата во износ на десет просечни плати во Република Македонија.

Македонија слави 26 години самостојност

Централната прослава по повод Денот на независноста се одржа вчера пред платото на Владата на Република Македонија под слоганот „Македонија слободна, слободно живее“. Домаќин на прославата беше Владата, а на присутните им се обрати премиерот Зоран Заев.

Одбележувањето на Денот на независноста започна во средата попладне со спортскиот настан „Трчај, играј, активирај се“ во организација на Агенцијата за млади и спорт.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Вести

реклама
error: Содржината е заштитена со авторски права.
%d bloggers like this: