Следи нѐ
To Top

Бесплатно лиферување на вести до порталите за локалните избори

Раководството на Македонската Информативна Агенција (МИА), најстарата информативна агенција во земјата, донесе одлука во наредните три месеци, до завршување на локалните избори, интернет порталите да можат да ги пренесуваат бесплатно сите информации на МИА од сервисот МАКЕДОНИЈА. 

– Сите портали кои сакаат да пренесуваат проверени и точни информации за настаните во државата, особено за локалните избори, ќе можат да бидат наши корисници, објави денеска на прес-конференција директорот на МИА, Драган Антоновски.

реклама

Услов за тоа истакна Антоновски е на крајот на веста да се наведе дека тоа е вест на МИА, да се назначи дека тоа е изворот, вестите да не се вадат од контекст, што е во согласност со Кодексот на новинарите на Македонија и правилата на професионалното новинарство.

– Ние од МИА сметаме дека наша обврска е да ги информираме граѓаните, да им понудиме проверени, брзи, објективни информации, и на тој начин сакаме да им помогнеме и на порталите кои знаеме дека финансиски не се кадарни, а сакаат да имаат вистински и аргументирани информации, да застанат на нозе, да се доближат до своите читатели, но не со лажни, туку со точни и проверени вести, посочи Антоновски.

Ова, потенцира тој, е наш придонес кон демократизацијата на општеството и подигање на стандардите на професијата.

Интернет порталите кои сакаат да добиваат бесплатни вести од МИА во следните три месеци треба да се пријават на и-мејл адресата [email protected] за да добијат пристап до сервисот на Агенцијата.

– МИА како информативна агенција застанува на страната на вистинитата информација, на страната на информирани граѓани и наспроти пропагандата, лажните вести и манипулациите, изјави Антоновски.

Директорот на МИА објави, исто така, дека во најавите за настаните на денот ќе се прецизира кои настани со сигурност ќе бидат покриени и со информации и фотографии, за телевизиите, весниците и другите медиуми претпладници и корисници на генералниот сервис на МИА да можат да си ги распоредат своите новинари на други настани и да проценат кои текстови од настани би ги користеле од сервисот на Агенцијата.

За оваа новинарска акција МИА доби поддршка од Здружението на новинарите на Македонија и од Советот за етика во медиумите на Македонија.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Вести

реклама
error: Содржината е заштитена со авторски права.