Следи нѐ
To Top

ШОКАНТНИ БРОЈКИ: Во Македонија годишно се фрлаат 5.000 тони храна

Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ) заедно со Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и Црвениот крст днеска во Веро Центар во Скопје ги одбележа 16 Октомври, Светскиот ден на храната и 17 Октомври – Светскиот ден на борба против гладта, со промоција на храна на штандови и делење брошури за едукација на граѓаните што значи безбедна храна и како да ја разликуваат и заштитат кога ќе ја донесат во својот дом да остане што подолго време безбедна за да не се фрла.

– Целта на денешното одбележување е да ги повикаме граѓаните и властите да преземат нешто околу фрлањето храна во Република Македонија. Според статистичките податоци со кои располагаме, во Македонија годишно се фрлаат 5.000 тони храна. Со таа храна би можело да се прехранат 13.000 луѓе со по три оброка дневно или еден мал град во Македонија да се храни цела година, изјави Маријана Лончар Велкова, претседател на ОПМ.

реклама

Таа посочи дека заедно со Црвениот крст сакаат да ги поттикнат маркетите и производителите на храна да преземат мерки за навремено отстранување на храната што е пред истек на рокот за да може да им се додели на сиромашните луѓе.

– Може да постојат некој вид продавници во кои луѓето ќе можат да купат храна и тоа не со поминат рок, туку во рамки на рокот кој е безбеден за консумирање. Нас ни треба поголема едукација како да ја чуваме и складираме храната и која храна навистина ни е потребна за едночлено и повеќечлено семејство за да не се фрла храна, рече Лончар Велкова.

Денешното одбележување во Веро Центар, како што рече Валентина Колеска секретар на Општинската организација на Црвениот крст Центар има и хуманитарен карактер.

– Денеска правиме спој на Светскиот ден на храната и Денот на борба против гладта. Сите производители кои денеска  изложуваат храна на штандовите  во Веро Центар по настанот ќе донираат храна која ќе ја однесеме во Пунктот за бездомници во Момин Поток и во Домот за деца без родителска грижа „11 Октомври“, изјави Колеска.

Таа додаде дека во исто време во Веро маркетот се случува хуманитана акција на која сите денешни купувачи во маркетот можат да донираат производ плус што во текот на кампањата за борба против гладта Црвениот крст ќе ги искористи за да направи пакети со храна за социјално загрозени семејства.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Вести

реклама
error: Содржината е заштитена со авторски права.