//
Следи нѐ
To Top

ЦИВИЛ: Мирен почеток на изборниот ден со помали нерегуларности

Имаме добар мирен почеток на изборниот ден, меѓутоа исполнет со низа помали нерегуларности односно технички проблеми со кои се соочуваат избирачките одбори, што е недостиг на добра подготвеност досега, истакна утрово на прес-конференција претседателот на граѓанското здружение Цивил-Центар за слобода, Џабир Дерала.

Посочи дека во текот на вчерашниот ден регистрирале над 20 случаи на кршење на изборниот молк и тоа во Велес, Ресен, Скопје, Штип, Тетово, Гостивар.

реклама

– Се лепеа плакати во една општина, имавме случаи во кои детектиравме СМС пораки со содржина која го крши изборниот молк кои беа испраќани на многу телефонски броеви. За поздравување е одлуката на општинската изборна комисија на Ресен по откривањето на двете ливчиња во избирачкото место 1631 во Јанковец, кои имале ист сериски број, да ги пребројат сите гласачки ливчиња во општината, меѓутоа веќе денеска забележуваме дека гласачките ливчиња не се насекаде со ист квалитет, рече Дерала.

Во општина Аеродром на неколку избирачки места, нагласи, ливчињата не се добро перфорирани и избирачкиот одбор мора да ги сече со ножици за да им ги дава на гласачите, што во неколку избирачки места предизвикало голема турканица. Појасни дека според пријавените случаи од нивните набљудувачи, УВ ламбите не работат во повеќе од 20 избирачки места.

– Има луѓе кои не се прснати со спреј, значи можат да гласаат повторно доколку сакаат. Нашите набљудувачи кои се во состав на структурата на Цивил, а доаѓаат и од организацијата Инклузива, ни јавуваат дека папки за слепи лица нема на сите избирачки места, поточно на шест избирачки места во Гостивар недостигаат тие папки, истакна Дерала.

Потенцира дека од набљудувачите било забележано дека гласачките паравани, како и кутиите за гласање за лица со попреченост се поставени несоодветно и се непристапни. Дерала рече дека се врши евиденција на гласачи во две општини од функционери на одредена партија кои ги евидентираат гласачите кои доаѓаат за потоа со очигледна намера да се продолжи со мобилизација и притисок, што, како што појасни, е кршење на изборниот молк.

Според нивните извештаи, во ресенскиот регион имало обид за поткуп од 4.500 денари на двајца членови на едно семејство, кои не ги прифатиле парите и ја информирале полицијата.

– Постои извесен број извештаи кои дојдоа до Цивил во текот на вчерашниот ден и во уште два случаи освен тој во Ресенско сигурни сме дека имало обид за поткуп на гласачи. Тоа се толку сензитивни извештаи што мора да се проверат уште најмалку еднаш да се верификуваат и во соработка со властите да се соопштат детали во врска со тоа, посочи Дерала.

Додаде дека говорот на омраза е многу присутен на социјалните мрежи и, според него, мора да се интервенира на повеќе начини.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Вести

реклама
error: Содржината е заштитена со авторски права.
%d bloggers like this: