Следи нѐ
To Top

Почна пријавувањето за субвенции за купување печки на пелети

Од денеска почнува пријавувањето за надоместување на дел од трошоците на граѓаните на подрачјето на Град Скопје за купување печки на пелети за 2017 година.

Градот Скопје, со цел да ги стимулира скопјани за користење обновливи извори на енергија за затоплување на своите домови, кои минимално ги загадуваат воздухот и почвата и не влијаат врз климатските промени, на жителите коишто ќе купат печки на пелети од денот на објавување на Јавниот повик, а заклучно со 22-ри овој месец ќе им обезбеди поврат на средства во висина од 70 отсто, но не повеќе од 30.000 денари со вклучен ДДВ.

реклама

Јавниот повик трае седум календарски дена од денот на објавувањето, заклучно со 22 ноември 2017 година и ќе биде реализиран по принципот „прв дојден прв услужен’’.

Јавниот повик е објавен на веб-страницата на Град Скопје (http://www.skopje.gov.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=0&tabid=654) и во печатени медиуми.

Право на учество на овој Јавен повик имаат жителите на Скопје во општините: Аеродром, Гази Баба, Кисела Вода, Карпош, Чаир, Шуто Оризари, Центар, Ѓорче Петров, Бутел и Сарај, кои ќе купат печка на пелети за затоплување на својот станбен простор од денот на објавувањето на Јавниот повик до денот на завршувањето на повикот и ќе поднесат барање за искористување на правото за надоместок. На Јавниот повик немаат право на учество домаќинствата кои имаат приклучок на градското централно греење, без оглед на тоа дали го користат, како и сопствениците на станбени објекти кои се се уште во фаза на изградба и не живеат во објектите.

Купувачот на печка на пелети своето барање за искористување на правото за надоместок на дел од трошоците, заедно со потребната документација, треба да го достави во затворен плик до Град Скопје, булевар „Илинден“ број 82, во архивата на Градот, секој работен ден од 08:00 до 16:00 часот.

Градот Скопје, во зависност од динамиката на пристигнување на пријавите, периодично ќе ја известува јавноста за преостанатите средства предвидени за оваа намена, се до нивно целосно искористување.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Вести

реклама
error: Содржината е заштитена со авторски права.