Следи нѐ
To Top

Само три проценти од Македонците подготвени да купуваат онлајн

Во моментов само три проценти од вкупното население во Македонија или шест отсто од луѓето на возраст меѓу 19 и 54 години се подготвени да купат онлајн производи за широка потрошувачка, покажува истражувањето на агенцијата „Инсајдер ИД“ изработено за потребите на AllWeb конференцијата за дигитален маркетинг.

Истражувањето покажува дека 66 проценти од македонските потрошувачи на возраст меѓу 19 и 54 години купиле било што онлајн, без разлика дали потрошиле десет или десет илјади евра.

реклама

Според Сергеј Зафировски од „Инсајдер ИД“ агенцијата за маркетинг истражување, ова е прво истражување од ваков вид во Македонија и се однесува на интернет пазарот на стоки за широка потрошувачка.

– Тоа што досега се покажува во Македонија како број на купувачи, тоа се историски податоци, односно според трансакциите што луѓето ги направиле во период од 12 месеци или 12 години. Најважната информација е да знаеме колкав број на луѓе воопшто купиле некогаш нешто на интернет и за тоа беше целото истражување, да добиеме некои бројки и метрики зошто луѓето купуваат, зошто не, и под кои услови би го смениле мислењето. Дали би купиле онлајн производи што не се својствени да се купат онлајн и на светско ниво, како месо, сирење, кашкавал и други сензитивни производи, за кои се уште важат правилата дека потрошувачите сакаат да го видат производот за да го купат, изјави Зафировски.

Потенцијал на македонскиот онлајн пазар

Според Зафировски, ако земеме дека Македонија има 2.100.000 жители, околу 27 проценти од населението во моментов се потенцијални онлајн потрошувачи, додека максималниот пазар се проектира меѓу 550 и 600 илјади луѓе.

– Направивме длабинска анализа да видиме колку од тие 27 проценти се подготвени да купат онлајн во моментот и тоа прашање го ставивме во корелација со тоа колку негативни аспекти имаат дадено и дали би купиле производи за широка потрошувачка онлајн. Со тоа дојдовме до податокот дека во моментов само три проценти од вкупното население во Македонија или шест отсто од луѓето, на возраст меѓу 19 и 54 години, се подготвени да купат онлајн производи за широка потрошувачка. Тоа значи дека во Македонија за онлајн купување има подготвени 65.000 лица, изјави Зафировски.

Направивме проекција на финансискиот потенцијал на пазарот, продолжи тој, и за таа цел земавме податоци за 40-те најголеми синџири на маркети во Македонија, што заедно прават околу 650 милиони евра годишно.

– Добивме некоја апроксимативна сума дека македонскиот пазар на производи за широка потрошувачка во моментов тежи меѓу 37 и 40 милиони евра и проектираме дека пазарот во наредните пет години ќе расте меѓу 1,5 до два проценти на годишно ниво. Значи 40 милиони евра за држава како Македонија не се малку, но кога ќе се поделат на 65 илјади потенцијални купувачи се добива дека секој потрошувач треба да купи производи во вредност од 650 евра годишно, или 50 и нешто евра месечно, или 11 евра неделно, што изгледа многу реално. Тоа е отприлика растот што го имаат и вкупниот пазар на супермаркети во Македонија. Очекуваме дека со малку помал процент ќе расте и онлајн потрошуваката бидејќи помладите генерации, кои се двигател на процесот на промена на навиките ќе стареат и ќе трошат повеќе средства, изјави Зафировски.

Компаниите да се прилагодат на новите генерации потрошувачи

Македонските компании, посочува Зафировски се далеку од подготвени да настапат електронски на пазарот.

– Електронскиот пазар е толку голем што македонските компании или ќе ја прифатат играта или нема, тоа зависи од нив. Македонскиот потрошувач, како и да е ќе ги даде парите. Разликата е дали ќе ги даде на домашни фирми или на странски. Работата е дека во Македонија се уште и како пазар и овие 65.000 луѓе изгледаат како нешто интересно, не се така многу за да се прави комплетна стратегија на компанијата да биде онлајн. Според мене тие треба ова да го инкорпорираат во долгорочната стратегија на компанијата, но не може да очекуваат моментален екстремен успех, смета Зафировски.

Нагласува дека моментално на пазарот има две компании, од кои едната реално многу добро го комерцијализира системот и одлично работи на темата и додека вториот играч во последниот период малку заостанува и се губи од пазарот.

Според истражувањето македонските онлајн потрошувачи најмногу се сомневаат во квалитетот и безбедноста при купувањето.

– Најмногу се сомневаат во квалитетот на самите производи, дека тоа што ќе го добијат нема да биде со квалитетот што го очекуваат. Тоа е прво кај 70 проценти од луѓето. Втората, забележана кај 50 отсто од лицаа, е управувањето со личните податоци или нивната злоупотреба, изјави Зафировски.

Истражувањето е спроведено во периодот од први октомври до први ноември годинава, на репрезентативен примерок од 1.200 луѓе во Македонија. Анкетирани се луѓе само од урбани средини меѓу 19 и 54 години. Користени се два методи, онлајн анкетирање преку прашаланици и класични теренски анкети на неутрални локации.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Вести

реклама
error: Содржината е заштитена со авторски права.