Следи нѐ
To Top

ДОКИЌ: Аерозагадувањето штетно за хронично болните, но и за секој здрав човек

Aерозагадувањето е штетно за пациентите со хронични болести кај кои има поголемо влошување на состојбата, но е штетно и за секој здрав човек. 

Бројот на пациенти е во пораст, меѓутоа, со сигурност не можам да тврдам дали овој зголемен број се должи на аерозагадувањето, кое со децении е присутно, истакнува директорот на Универзитетската клиника за пулмологија и алергологија, Дејан Докиќ во интервјуто за МИА.

реклама

Тој посочува дека аерозагадувањето е причина, особено ПМ честичките, за влошување на состојбата кај пациенти со хронични респираторни болести, како што се астма, пневмонија, хронична опструктивна белодробна болест, горно-респираторни инфекции, настинки, кардиолошки заболувања, кардио-пулмонални проблеми, инфаркт, кардиомиопатии…,како и кај оние кои имаат алергии, додека кај здравите луѓе прави некое лесно воспаление и можно е да имаат некои симптоми.

Во врска со тоа какви се последиците по здравјето од вдишувањето загаден воздух, тој посочува дека ПМ 10 честичките се десет микрометри во дијаметар и се во најголем број, има честички кои се од два ипол до пет микрометри со средна големина, а има и под еден микрометар, кои доаѓаат до најмалите дишни патишта т.н. алвеоли, штетни се и предизвикуваат карцином на белите дробови. Покрупните честички главно се задржуваат во носот и на слузокожата од очите, како и во бронхијалното стебло и кај здрави испитаници.

Бројот на пациенти е во пораст, тоа евиденто го гледаме, и хоспитални со акутно влошување, односно со воспалителни реакции накалемени на една хронична болест. Меѓутоа, јас со сигурност не можам да тврдам дали овој зголемен број се должи на аерозагадувањето, кое со децении е присутно, можеби е нешто позасилено, затоа што во последните години се мери. Како ќе знаете дали има ПМ честички кога не се мереа, а бевме сведоци дека и тогаш имаше магли. Се сеќавам и пред 20 години имаше магли, па мирисаше на сулфур диоксид, киселини некои, па штипење на очите, но никој не ги мереше, потенцира Докиќ.

Според него, сега има нови загадувачи, автомобилите со нивните издувни гасови, озонот, ПМ честичките, се користат нови средства за загревање, за продуцирање некаква енергија или за работа и функционирање на индустриските објекти…кои на друг начин делуваат на здравјето на човекот.

Нагласувајќи дека прво треба да се преземат системски мерки, тој ги поздравува сите институции со мерките кои сакаат да ги спроведат.

– Секоја мерка е подобра од никаква мерка. Но, народот не смее веднаш да очекува резултат, тоа е процес за намалување на аерозагадувањето. Значи, треба да помине време, предвидените мерки да почнат да делуваат. Она што можат граѓаните сами да направат е кога имаат можност да престојуваат на чист воздух. Кога е многу загадено треба да затвораат прозорци и да користат прочистувачи на воздухот. Кога излегуваат надвор, луѓето треба да носат маски со филтри, кои ги има во продажба во аптеките. Не е лошо во овој период да се земаат и антиоксиданси, посочува Докиќ.

Во врска со тоа како се справуваат европските земји со загадувањето, вели дека се слични мерките кои се применуваат индивидуално, а другите мерки треба институционално да се спроведат на ниво на град или на ниво на држава.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Вести

реклама
error: Содржината е заштитена со авторски права.