Следи нѐ
To Top

Мјузиклот „Мама миа!“ подготвен за премиерата во недела

Емотивна, весела, дискаџиска претстава која ќе ве расположи и од која ќе си заминете со многу ендрофин, рече на прес-конференција режисерката на мјузиклот „Мама миа!“ Наташа Поплавска пет дена пред премиерата в недела, 24 декември, во Македонскиот народен театар.

Претставата, која интензивно се подготвуваше изминатите два месеца,  е копродукција помеѓу МНТ и словенечката компанија „Проспот“ која ги има ексклузивните права за мјузиклот „Мама миа!“ во земјите од регионот. Приказната е позната и прикажана на филм – тинејџерка во потрага по својот вистински татко на еден грчки остров, раскажана преку хитовите на АББА (музика на Бени Андерсон и Бјорн Улвеус) по текст на Кетрин Џонсон.

реклама

Актерите во мјузиклот ги пеат на македонски песните на шведската група од 1970-1980-тите, освен евровизиската „Ватерло“ која е во оригинал и за крај на претставата. Препевот е на Тина Трпкоска. Поплавска, која пред две години во МНТ го постави и бродвејскиот мјузикл „Чикаго“,  и овојпат соработува со кореографката Олга Панго и со диригентката Бисера Чадловска.

– „Мама миа!“ е гигантски проект, кој има 30-ина луѓе кои ќе ги видите на сцена, но под сцената, зад сцена, зад гледалиштето и во гардеробите има уште по десетина кои публиката нема да ги види. Тука се и четворица шминкери и ако ги наброиме сите што се вклучени ќе дојдеме до повеќе од сто луѓе кои работат само за една изведба на „Мама миа!“. Среќна сум што ние имаме театар што знае да се справува со ваков гигант, рече Поплавска.

Вториот каст на главните улоги е направен уште на почетокот: Нина Деан и Јана Стојановска за улогата на Софи Шеридан, Кире Ѓоревски и Висар Вишка за ликот на Сем и Никола Наковски и Петар Стојанов за улогата на Скај.

Актерите присутни на пресот рекоа дека мјузиклот е тежок процес кој бара истовремено играње, пеење и глумење, усогласеност со оркестарот. Придружни вокали се корепетиторките од ФМУ Сара Николовска и Ана Костадиновска, кои ги подучувале во пеењето, а за танцувањето – Олга Панго и асистентката Ирена Лозинска.

– Два месеца секој ден работевме. Не беше воопшто лесно, бидејќи во исто време се игра, пее и глуми, се зема воздух, се мисли на движењата на телото, се внимава да не се згреши кореографијата и тоналитетот и сето тоа да се донесе во некое совршенство на сцената. Тоа беше огромен предизвик, рече Нина Деан.

Нејзината алтернација Јана Стојановска додаде дека овој мјузикл е симбиоза на повеќе уметности вклопени во едно. – Извонредно училиште во кое имам можност да научам на што се треба да биде подготвен да одговори еден актер, рече Стојановска.

Според актерот Владимир Јачев, кој игра еден потенцијалните татковци (Хари), имале убав процес на подготовка, на моменти, рече, турбулентен. – Во моментите кога ќе паднеше енергијата, музиката на АББА ја креваше атмосферата, рече Јачев. Двајцата други „татковци“ во претставата ги играат Трајче Ѓорѓиев (Бил) и Кире Ѓоревски/Висар Вишка (Сем).

– Ќе бидете изненадени што се правиме на сцена, рече Билјана Драгичевиќ-Пројковска која ја игра мајката Дона, и заедно со Тања Кочовска, т.е. Рози – нејзината пријателка од приказната, отпеаја преведен рефрен од „Денсинг Квин“.

„Мама миа!“ ќе трае 180 минути и по премиерата на 24-ти, ќе има уште три изведби во оваа година (26-ти, 28-ми и 29 декември), а за јануари 2018 се закажани за  12-ти,13-ти и 23-ти.

Директорот на МНТ Драган Спасов соопшти дека размислуваат за македонски мјузикл со песни од македонски композитори, за кој треба да се напише љубовна приказна, а би го подготвиле за почетокот на 2019.

МНТ и оваа година ќе организира пречек на Нова година на 31 декември со настап на неколку македонски бендови и со стендап на Сашко Коцев.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: МК Сцена

реклама
error: Содржината е заштитена со авторски права.