Следи нѐ
To Top

СЈО отвори седум нови истраги, осомничени 17 лица

Специјалното јавно обвинителство денеска објави дека отворило седум нови истраги во кои се осомничени 17 лица за злоупотреба на службена должност, измама и други кривични дела.

Првата истрага под името „Странски служби“, како што информира обвинителката Фатиме Фетаи, се однесува на две осомничени лица едното помошник-министер во МВР, кој се сомничи дека е директен извршител, и другото началник на оперативна техника во УБК, осомничено за поттикнување.

реклама

Според обвинителката Фатиме Фетаи, во октомври и ноември 2014 година началникот, добил наводен извештај од странска компанија дека детектирале нелегални активности поврзани со клонирани односно двојни базни станици, со кој, како што рече, требало да се потврди тезата на државниот врв дека масовното незаконско прислушување го извршиле странски служби.

Во декември 2014 година, еден месец по изготвување на нарачаниот извештај, посочи Фетаи, оваа компанија без процедура за јавни набавки, го добила тендерот за потребите на МВР преку дејствијата на двајцата осомничени. Второосмничениот на 16 декември побарал да се спроведе постапка за јавна набавка, на 19 декември првосомничениот донесел одлука за набавка и формирал комисија, и самоиницијативно доставил три покани за прибирање понуди до три странски компании.

– За пет дена била средена целата работа, како претставниците на компаниите да ги примиле поканите и веднаш ги доставила понудите, кои според почетните сознанија се рачно пополнети од исто лице, рече Фетаи.

Додаде дека реализацијата била уште побрза и оти петиот ден, на 24 декември 2014 година била донесена одлука за најповолна понуда и истиот ден е склучен договор со претставникот на странската комапнија, кој бил во Скопје. Опремата во овој договор за кој постои сомневање дека е склучен со незаконити дејства на двајцата осомничени е испорачана во мај 2015 година и е инсталирана.

Во вториот случај „Друмарина“ осомничена е поранешна пратеничка за злоупотреба на надомест за патни трошоци во периодот од јули 2011 до декември 2015. Таа давала лажни фискални сметки за реализирани патувања од местото на живеење, иако имала сместување во Скопје. Според утврдените податоци од СЈО, ако биле реални поднесените сметки, таа за посочениот период требало да има поминато 235.928 километри. Утврдено е дека километражата на возилото со кое ги реализирала патувањата била 133.520 километри. Со тоа направила злоупотреба на средства во износ од околу 100.000 евра.

Третата истрага „Рендген“ се однесува на поранешен министер за здравство за набавка на опрема за радиолошки лаборатории во 2012 година. Тој е осомничен за фаворизирање на една фирма да го добие тендерот за опремата. Во јануари 2014 договорот бил раскинат откако во јавноста излегоа информации за учество во тендерот на една новинарка и нејзината мајка. Сепак, министерот не го поништил тендерот, туку склучил договор со второрангираната фирма со што е направена злоупотреба вредна околу 860.000 евра.

Четвртата истрага „Продуцент“ се однесува на поранешен министер за земјоделство, шумарство и водостопанство кој во ноември 2009 година без јавна набавка склучил договор со продуцентската куќа „Смарт центар“ ДООЕЛ Скопје за снимање емисија која се емитувала на ТВ Сител во вредност од 50.000 евра.

Петтата истрага „Лидери“ што ја отвори СЈО произлегува од обавен телефонски разговор меѓу лидери на две политички партии во врска со уривање на нелегално изграден објект. Осомничен е сопственикот на објектот што бил изграден во периодот од ноември 2011 до февруари 2013 година без одобрение на површина од 1.000 метри квадратни.

Шестиот случај „Тарифа 2“ се однесува на злоупотреба на набавка на ЕРП софтвер во ЕЛЕМ. Осомничено е едно лице кое веќе е обвинето и во предметот „Тарифа“. Вкупната направена штета со извршените злоупотреби е 288.880 евра.

Седмата истрага „Транспортер 2“ е продолжение на случајот „Транспортер 1“, а се однесува на злоупотреби со превоз на ученици во Битола во периодот од 2009 до 2011 година. И во оваа истрага осомничен е поранешниот градоначалник на Битола, но и тројца директори на основни училишта. Вкупната причинета штета со направените злоупотреби во „Транспортер 2“ изнесува 1.873.583 денари.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Вести

реклама
error: Содржината е заштитена со авторски права.