Следи нѐ
To Top

Бадниково гранче – симбол на здравјето, среќата и славењето на животот

Домот за Бадник традиционално се украсува со бадниково гранче, кое го симболизира здравјето, го слави животот и вечната среќа.

Бадниковото гранче е од дабово дрво, кое се смета за најиздржливо и за највековито. За разлика од другите листопадни дрвја на почетокот на есента листовите од дабот ја менуваат боја, но се задржуваат на гранките и во текот на зимата.

реклама

Бидејќи дабот симболизира долговечност, здравје и издржливост народните преданија велат дека со внесување на дабовите гранчиња во домот неговите особини ќе се пренесат на сите луѓе што живеат во тој дом.

Според преданијата, праведниот Јосиф токму со ова дрво запалил оган за да ги стопли Исус и неговата мајка Марија.

Дабовото дрво за свето дрво го сметале и старите македонски племиња. Овие дрвја обично се меѓу највековитите, поради што нивното стебло добива на масивност. Честопати стеблата се расцепуваат, формирајќи еден вид мали „простории“, кои луѓето во минатото ги користеле како места за преспивање и заштита од дивите животни. Отворените стебла често наликуваат и на пештери.

Сечење бадниково дрво

Јужните Словени најчесто сечеле една бадникова гранка, но во некои краеви се сечеле и три, а забележано е и сечење на девет бадникови гранчиња како во Херцеговина. Постои и специфичен обичај да се сечат гранки според број на машките членови на семејството.

Сечењето на бадниковите гранчиња е проследено со многу строги обреди. По бадниковите гранчиња се одело рано наутро и најчесто одел домаќинот. Бадниковите гранки се сечеле секогаш од источната страна. При сечење се земал и првиот ивер на кој му се придавале посебни моќи. Секирата со која се сечела бадниковата гранка се поземала во ракавици, а гранките најчесто се сечеле со три замави, никогаш не се пресекувале, туку се прекршувале за пенушката да добие форма на брада божја брада или дедо. На пенушката се оставаат подароци, лепче, вино, везени чорапи…

Пред донесување на бадниковото гранче во домот, домаќинката ја чисти куќата, подготвува посна храна, го меси обредниот леб. Бадниковото гранче не се внесува во куќата се до првиот самрак.

По вечерата бадниковото гранче се ставало во огниште да гори. Во некои краеви бадникот се полевал со мед, а во други на него се ставала златна пара.

Во некои краеви пак бадниковото гранче не се оставало да догори до крај, туку неговиот остаток се чувал како заштитник од болести и од штетници.

Името на бадниковото гранче доаѓа од зборот бдеење, кое било својствено за практиката тоа да гори цела ноќ со што неговите моќи се пренесувале на огништето кое го симболизирало семејството и напредокот.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Занимливости

реклама
error: Содржината е заштитена со авторски права.