Следи нѐ
To Top

Повредената планинарка со хеликоптер од Олимп пренесена во болницата во Лариса

Во 1 часот по полноќ со хеликоптер Супер пума на грчкото воздухопловство, повредената планинарка од Македонија, од Олимп беше пренесена во болница во грчкиот град Лариса, јавува дописникот на МИА од Атина.

Со тоа успешно заврши спасувачката акција по несреќата што се случи вчера наутро на падините на планината.

реклама

Околу 6 часа траеше акцијата за извлекување на планинарка од Македонија, која на симнување од врвот Стефани на грчката планина Олимп се лизнала и според првичните информации, е полесно повредена. Од местото на несреќата, како што синоќа јави МИА, беше пренесена во најблискиот планинарски дом „Јоргос Апостолидис“, каде што го чекаше хеликоптерот за да ја однесе во болница.

Дописникот на МИА од Атина, синоќа поразговара со двајцата пријатели на девојката, кои беа со неа во планинарскиот дом, а заедно тргнале на планирање на Олимп. Тие рекоа дека планинарката е добра, има мала повреда на ребрата, а во планинарскиот дом имаат медицинско лице.

– Елена е добра, пие врел чај со мед и се смее. Имаме медицинско лице овде, функциите се стабилни има само мала повреда на ребрата 1 или 2, најверојатно се скршени, меѓутоа функциите се стабилни. На почетокот додека да се стабилизира, дишеше кислород од боца, меѓутоа сега, сѐ е во ред, рече Горан Николовски, пријателот на девојката, во телефонскиот разговор за МИА и додаде дека имале голема помош од околу 20-ина лица во напорите за извлекување и пренесување на повредената.

Александар Кирковски бил заедно со девојката кога се случила несреќата. Се искачиле на врвот Стефани на 2909 метри. Сѐ било во ред, одлично се движеле, условите во главно биле добри, а Елена паднала вчера околу 10 часот наутро при спуштањето од врвот.

– Речиси пред да дојдеме на самата патека која што е безбедна, на Елена ѝ се лизна едната нога и продолжи да се движи надоле по снежната падина која што е со некоја умерена стрмнина. Се обиде да застане, но не успеа и се лизна околу 100 метри висински, а должински околу 170 метри. Ја немав во видно поле, се спуштив до неа и на самото место видов дека се чувствува добро, дека е компатибилна и дека нема крвавење или видлива повреда. Имаше само болка странично, веројатно проблем со некое ребро, пукнато или нешто слично, раскажува за МИА, пријателот на девојката.

На мобилниот телефон немал мрежа за да повика помош, па откако и помогнал на Елена да остане во статична позиција и да не се лизне дополнително, ѝ дал вода и таблетка за болка и истрчал до најблискиот дом за да побара помош.

– Се вративме екипа од шест седум лица, сите беа Грци и се спуштивме до неа, направивме систем за извлекување и целото извлекување траеше пет шест часа, вели Александар Кирковски за МИА.

Во спасувачката акција учествуваа 11 пожарникари од Катерини, Литохоро и од специјалната единци за справување со катастрофи на грчката противпожарна служба.

Во попладневните часови вчера хеликоптерот не успеал да пристапи до местото каде што се случи несреќата, дел од грчките медиуми објавија дека причината е тоа што паднал мрак и немало поволни услови, додека пак според друг дел од медиумите, за време на акцијата, хеликоптерот останал без гориво.

Сепак, во доцните вечерни часови, хеликоптерот на грчкото воздухопловство стигнал на местото каде што беше девојката и ја пренел во болницата во Лариса.

За време на акцијата, јавува дописникот на МИА од Атина, македонскиот конзулат во Солун беше во постојан контакт со надлежните за спасувањето на Македонката.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Вести

реклама
error: Содржината е заштитена со авторски права.