//
Следи нѐ
To Top

Бесплатен градски превоз за скопјани поради загадениот воздух

Град Скопје воведе бесплатен градски превоз за скопјани поради загадениот воздух. Мерката ја објави градоначалникот, Петре Шилегов, кој истакна дека стапува на сила веднаш и оти важи подеднакво за автобусите на ЈСП и за приватните превозници. 

– Оваа мерка ќе трае се до моментот на намалување на загадувањето, за што дополнително ќе бидеме известени од страна на Министерството за животна средина, рече Шилегов на денешната прес-конференција и додаде дека автобусите ќе бидат со зачестена фреквенција.

реклама

Тој апелираше граѓаните без потреба да не користат возила или доколку мораат да ги користат, во возилата да се возат повеќе лица и побара да не се користат несоодветни материјали за затоплување на домовите.

Најави дека Градот Скопје ќе ги прекине сите градежни активности што се под негова ингеренција и препорача и градоначалниците на скопските општини да го направат истото. Воедно истакна дека ќе се зголемат инспекциските контоли на градилиштата, особен на возилата кои излегуваат од градилиштата, а зајакната контрола ќе има и за доставувачите на стоки.

– Ги повикувам градоначалниците на општините во градот Скопје да ги интензивираат инспекциските надзори над субјектите кои управуваат со отпадни гуми и отпадни масла, рече Шилегов.

Воедно посочи дека ќе го задолжи Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ да ги мие со вода улиците и булеварите кои се во надлежност на градот, а тоа побара да го направат и градоначалниците на скопските општини.

Скопскиот градоначалник ги повика МВР и Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина и општините да извршат засилени контроли над инсталациите што се под нивни ингеренции.

– Го повикувам Министерството за внатрешни работи да спроведе ограничување на обуките на автошколите од 9:30 до 14:30 и по 18 часот, како и и да ги зајакне контролите за почитување на забраната за движење тешки товарни возила чијашто крајна дестинација не е Градот Скопје, и да ги упатуваат да ја користат скопската обиколница, во согласност со поставената сообраќајна сигнализација. Барам од МВР да врши зачестени контроли на издувните гасови на возилата кои учествуваат во сообраќајот, потенцира Шилегов.

Прашан како ќе доаѓа на работа, Шилегов рече дека сите возила на Град Скопје нема да се користат за службени потреби освен за инспекциските служби и додаде дека тој ќе доаѓа на работа со јавен превоз или со електричното возило на Градот што не загадува.

Прeцизира дека воведувањето на мерката за бесплатен градски превоз ги чини скопјани по седум милиони денари дневно.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Вести

реклама
error: Содржината е заштитена со авторски права.
%d bloggers like this: