//
Следи нѐ
To Top

Даниел Дончевски по петти пат го фати светиот крст во Скопје

Даниел Дончевски од Ченто по петти пат го фати Светиот крст во водите на реката Вардар што денеска напладне од мостот „Слобода“ кај „Холидеј ин“ го положи архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.

Дончевски на сите им посака среќа и бериќет.

реклама

„Пред се сакам на сите мои христијани да им го честитам големиот празник Богојавление – Водици, да им посакам здравје, среќа, љубов и да бидеме вака сплотени секоја година во мир, секој ден да се покајуваме и вака да го празнуваме со љубов и со вистинска вера нашиот христијански празник“, рече Дончевски.

Рече дека годинава, покрај за здравје за својата фамилија, скокал по крстот и за , како што рече, еден мал јунак Биле Пешевска, херој што се бори против болест поради која многу би се откажале од неа.

Пред положувањето на Светиот крст во водите на Вардар, г.г. Стефан пред присутните граѓани порача дека верските празници треба да не потсетат како живееме и како постапуваме кон себе и кон другите, да ги измијат сите лоши мисли и да донесат духовно освежување.

„Не е доволно да бидеме само крстени, туку е потребно и да живееме според учењето и заповедите на христовата вера. Не по името, туку по делата да бидеме вистински христијани“, порача г.г Стефан.

За фаќање на крстот во Скопје беа пријавени над 150 граѓани.

Богојавление – Водици се празнува уште од вториот век. Поврзан е со крштавањето на Исус Христос во водите на реката Јордан од страна на свети Јован, кој од тогаш се нарекува Крстител. Празникот се нарекува уште и Водици поради големиот водосвет што го извршува црквата на овој ден.

Традиционално, во реките се положуваат крстови, а оној што ќе го фати Светиот крст се верува дека ќе го следи благослов и среќа во текот на целата година. Фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа, а се верува дека со спуштањето на крстот водите се осветуваат и стануваат лековити.

Претходно, од 9 часот, поглаварот на МПЦ г.г. Стефан богослужеше Златоустова литургија во црквата „Рождество на Пресвета Богородица“.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Вести

реклама
error: Содржината е заштитена со авторски права.
%d bloggers like this: