//
Следи нѐ
To Top

30.000 луѓе со 500 автобуси во Солун на протестот „Македонија е Грција“

„Македонија е Грција“ пишува на паното закачено од рано утрово над бината во центарот на Солун, каде што во 14 часот по локално време ќе се одржи долго најавуваниот протест против името Македонија.

Грчкиот град денеска живее во ритамот на демонстрациите, со зголемено полициско присуство и поради протестот, но и поради контра-протестот што го организираат анархистички и левичарско ориентирани организации.

реклама

Во центарот на Солун  од вчера веќе се залепени плакати како најава за собирот,  на кои пишува „Македонија значи Грција“. А токму ова заедно со слоганот „Македонија е една и грчка“ се очекува да биде главното мото на протестот. Според организаторите се очекува да се соберат околу 30 илјади граѓани, кои со организиран превоз, со 500 автобуси од доцна синоќа, од цела Грција, пристигнуваат во Солун.

Организатори на собирот се грчки здруженија и организации од дијаспората, а имаат поддршка, меѓудругото, и од политички партии, спортски и христијански здруженија, градоначалници и митрополити од различни општини. Преку протестот, бараат да не се користи терминот „Македонија“ во името на нашата земја.

Од политичките партии што се дел од грчкиот парламент, Сојуз на централисти и Златна зора, официјално соопштија дека ќе учествуваат во собирот, а не е исклучена можноста меѓу граѓаните да има пратеници и од другите грчки партии, меѓу кои и членови на Независни Грци, коалицискиот партнер во грчката влада.

Солунскиот фудбалски клуб ПАОК, на чии натпревари во минатото доста често имало слогани и паноа „Македонија е грчка“, преку соопштение вели дека Македонија е нивниот дом и историја и е историски една и грчка. Од клубот, објави МИА, соопштуваат дека во пресрет на протестот, ПАОК го обединува својот глас со „милионите граѓани што го делат истото мислење“.

Организираниот превоз за сите оние што од цела Грција сакаат да стигнат во Солун е со туристички автобуси, но и меѓуградската линија што ги поврзува двата градови нуди попуст на сите они што од грчката престолнина сакаат да учествуваат на протестот.

30.000 луѓе со 500 автобуси во Солун на протестот „Македонија е Грција“

Претседателот на меѓуградскиот јавен автобуски превоз во Солун, Триандафилос Триандафилидис за солунскиот весник „Thessnews“, вчера рече дека е зголемен интересот за редовната линија Атина- Солун, а доколку се пополни предвидениот капацитет, тогаш ќе бидат пуштени дополнителни автобуси, додека пак повратниот билет е со 50 проценти попуст од редовната цена, специјално за оние што сакаат да учествуваат во собирот.

Рано утрово, се случи мал инцидент во Атина, кога непозната група со дрва, камења и разни предмети, според грчките медиуми, нападна автобус полн со граѓани, кои од грчката престолнина тргнаа кон Солун, за да учествуваат на протестот, без при тоа да има повредени или материјална штета.

Првите демонстранти во Солун, пристигнаа синоќа, од грчкиот остров Крит. Групата од околу 15 лица за грчките медиуми вели дека далечината не била пречка за да „протестираат за Македонија“.

30.000 луѓе со 500 автобуси во Солун на протестот „Македонија е Грција“

Еден час порано, во 13 часот, левичарски движења и анархистички организации организираат контра протест во другиот дел од градот. Според објавените соопштенија на анархистички сајт, тие ќе се соберат против национализмот, затоа што, велат дека национализмот значи крв, насилство, војна и смрт, а „фашистите секаде во светот говорат ист јазик“.

Наместо на протест, јавува дописникот на МИА од Атина, солунскиот митрополит Антимос, утрово во црквата Свети Димитрија во Солун, одржа литургија на која говореше за Македонија и за прашањето за името.

Протестот во Солун денеска е главна и централна тема во Грција, дел од онлајн изданијата на грчките медиуми, најавуваат дека во живо, на нивните сајтови, ќе го пренесуваат собирот, додека пак коментарите на грчките новинари се дека масовноста на протестот би можело да значи и порака до грчката влада во однос на преговорите за името.

Сепак, очекувањата во Грција, јавува дописникот на МИА од Атина, се дека денешниот протест во никој случај по масовноста, нема да може да се спореди со демонстрациите од 1992.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Вести

реклама
error: Содржината е заштитена со авторски права.
%d bloggers like this: