//
Следи нѐ
To Top

Заев: Подготвени сме за географска одредница за името

Подготвени сме за географска одредница, изјави вечерва на прес-конференција македонскиот премиер Зоран Заев посочувајќи дека прашањето за спорот за името што Македонија го има со Грција е суштествено и оти треба да се даде шанса низ преговорите да се изнајде решение.  

– Сакам нашите граѓани да знаат, сакам и граѓаните од соседна Грција да ги знаат деталите, но најповеќе сакам навистина да успееме во преговарачкиот процес, и затоа тука е секогаш дозата на внимателност. Да му дадеме шанса на успехот, но притоа ќе кажам: ние сме подготвени за географска одредница и до тука ќе застанам, затоа што прашањето е суштествено и треба да дадеме шанса низ преговорите во изнаоѓање на решение, изјави Заев на заедничката прес – конференција со евроамбасадорот Самуел Жбогар.

реклама

Македонскиот премиер рече дека внимателно ги следи настаните во Грција и реакциите дома, но оти колку и да е тешко изнаоѓањето решение на спорот, тој е оптимист.

– Јас сум оптимист, решение може да се најде. Верувам дека ако водиме грижа за другата страна, за нашиот јужен сосед и ако тие водат грижа за нас притоа почитувајќи се, додржувајќи го достоинството и идентитетот, јас сум убеден дека може да се изнајде решение и за овој горлив двеипол децениски проблем, истакна Заев.

Одговарајќи на новинарско прашање, кажа дека двете страни ќе продолжат да разговараат за сите идеи што би можеле да доведат до решение на спорот за името.

– Истовремено одлучивме заедно, и тоа го потврдуваме дека секоја можна идеја, која што ќе доведе до решението, дали е драфт верзија на меѓународен договор што ќе го официјализира она што е поприлично решено, а според мене, симболите МК, МКД и слично, а другото би било основа да се продолжи процесот под лидерство на ОН преку господинот Метју Нимиц, користејќи ги сите билатерални средби, без разлика дали е тоа меѓу мене и премиерот Алексис Ципрас, помеѓу министерот Димитров и министерот Коѕијас, рече Заев.

Потенцира дека треба да се искористи се што може да помогне да се дојде до решение. Заев кажа дека македонската Влада јавно ги коментира сите настани, но истовремено е насочена и кон дискусии внатре во институциите, со претседателот на државата и на Собранието, со партиите од власта и опозицијата во земјата.

Евроамбасадорот Самуел Жбогар, кој во Владата ја презентираше Стратегијата за Западен Балкан, одговарајќи на новинарско прашање, повтори дека овој документ многу позитивно зборува за напредокот којшто земјата го постигна во последните месеци, дека Комисијата е подготвена да изработи препорака за отпочнување пристапни преговори.

Нагласи дека за Европската унија, добрососедските односи се значајна вредност што е нагласено во Стратегијата за регионот во многу точки и оти секоја земја да може да стане членка на ЕУ треба да ги реши сите билатералните прашања и отворени гранични прашања.

– Затоа охрабрени сме од чекорите што Владата ги прави, тоа е договорот со Бугарија и сега веќе напорите што се прават за решавање на отвореното прашање со Грција. Во последните месеци се градеше една попозитивна атмосфера, се одржаа и првите состаноци на претседателите на владите на двете земји. Го следиме овој процес и се надеваме дека двете земји ќе бидат во можност да најдат решение кое ќе го отвори патот кон ЕУ, но во прв поглед ќе го смени и односот којшто земјите во овој дел од светот го имаат меѓу себе, смета евроамбасадорот.

Жбогар кажа дека ЕУ има позитивни очекувања од двете земји и дека тие треба да останат сериозно посветени да најдат решение.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Вести

реклама
error: Содржината е заштитена со авторски права.
%d bloggers like this: