//
Следи нѐ
To Top

ЉУБОВ НА ДВА КОНТИНЕНТА: Маша и Коџо докажуваат дека сакањето не познава граници (ИНТЕРВЈУ)

За некого е празник на љубовта, а за други на виното, но едно е сигурно – 14 февруари е датум кој секоја година го минуваме во друштво на саканите и пријателите.

Овој „Ден на вљубените“ ви ја претставуваме неверојатната љубовна приказна на младите Маша Беќковиќ од Македонија и Коџо Њанте од Гана која ќе ве инспирира и ќе ви ја покаже спонтаната и среќната страна од животот.

реклама

Нивната необична, но искрена љубов, е поврзана со нивното образование и заедничката страст за компјутерите и информатичката технологија.

ЗАПОЗНАВАЊЕ КАКО ОД ФИЛМСКО СЦЕНАРИО

Приказната започнува кога 25-годишниот Коџо ја добива стипендијата за студирање во Холандија и се сели во Европа.

– „Кога бев тинејџер, ја немав таа привилегија да имам компјутер. Тоа беше луксуз во Гана. Но, еден ден тетка ми ми испрати еден стар лаптоп, и несреќа во целата таа среќа е тоа што лаптопот беше заклучен со лозинка. Во истовреме се разочарав, но и се преокупирав со тоа да добијам пристап до тој магичен уред и да ја „пробијам“ лозинката. И, цела недела пробував и конечно ја погодив. Тоа беше најсреќниот ден во мојот живот и тогаш се заљубив во технологија и интернет безбедноста!“ – започнува да ни раскажува Коџо.

Љубопитноста на младиот Коџо не застанува тука, па тој продолжува да ја учи оваа наука и станува толку добар во областа на компјутерската безбедност што добива стипендија за магистерски студии во Холандија, што со задоволство ја прифаќа.

– „Во Африка, во Гана, животот е во колонии. Кога се преселив во Европа започнав да го искусувам модерниот живот, сфатив како се живее независно и како секој се става себеси во прв план. Навистина многу работи се променија!“ – додава Њанте.

ЉУБОВ НА ДВА КОНТИНЕНТА: Маша и Коџо докажуваат дека сакањето не познава граници (ИНТЕРВЈУ)

Маша, пак, откако дипломира со најдобри оцени на факултетот ФИНКИ во Скопје, по една животна трагедија се сели во Франција, исто така да магистрира во областа на компјутерските науки. Интересно е тоа што студиите на Маша се организирани од истата организација како тие на Коџо, па студентите од повеќето европски земји кои во тој период биле на мастер студии направиле заедничка средба во Франција, каде всушност се запознаваат Македонката и Ганецот.

– „Последниот ден од настанот беше организирана гала свеченост и случајно го избрав бројчето на една од масите каде седнав до Маша. Забележав невообичаена тага во нејзините очи и бев навистина љубопитен што и се случило во животот. Тоа беше причина сѐ повеќе и повеќе да зборуваме и си реков, морам да се спријателам со оваа девојка и да и го променам животот.“ – се сеќава Коџо.

Како од филмско сценарио, Коџо го побарал бројот на Маша, но го запишал погрешно, па така нивната комуникација ја чекала наредната средба во живо. Следниот ден првата награда на семинарот ја освојува Маша, а втората Коџо, и на церемонијата на доделување на наградите, пред самиот крај, откако сфатиле зошто не добиваат одговор на нивните СМС пораки, Коџо и Маша ги размениле своите, овој пат правилни, броеви и се поздравиле, со желба за повторна средба во иднина.

И комуникацијата продолжила. Младиот Ганец дознавал се повеќе работи за Маша и за Македонија, а таа пак била воодушевена од културата на неговата родна земја.

– „Ми велеше дека Македонија е навистина слична со Гана и дека бил воодушевен од тоа дека сѐ уште живеам со мојата баба, а таа блискост во фамилијата ја има и во Гана.“ – низ смеа кажува Маша.

Нивната втора средба е повторно во Франција. Тогаш, сѐ уште пријатели, Коџо и Маша се сеќаваат дека ги посетиле сите убави места од јужниот брег на оваа европска земја и нивното пријателство растело сѐ повеќе.

На прашањето кога сфатиле дека се заљубени еден во друг, Коџо одговори дека го сфатил тоа кога Маша му се налутила, а тој не можел да престане да мисли на нејзе.

– „Секогаш ми значат работите кои ми ги дал татко ми, и во моментот кога и кажав дека ја сакам Маша, и подарив една од двете алки кои ми се подарок од татко ми и ѝ реков дека сега таа има една половина од мојата душа!“ – се сеќава Њанте.

ЉУБОВ НА ДВА КОНТИНЕНТА: Маша и Коџо докажуваат дека сакањето не познава граници (ИНТЕРВЈУ)

СРЕЌАТА Е ВО МАЛИТЕ НЕШТА, А ПОДАРОКОТ ВО РАДОСТА НА ДРУГИОТ

Сега, Коџо живее во Будимпешта каде е втора година од мастер студиите, а Маша работи во Скопје. Тие велат дека врските на далечина не се нималку слични со тие од приказните, впрочем вашата девојка или момче како да живее во вашиот мобилен уред или во вашиот компјутер, а тајната на успехот е секогаш да имате следен датум на кој ќе се сретнете, и со нетрпение да ги броите деновите до тогаш.

Од тогаш животот на овие млади луѓе се менува за 360 степени, а нивната љубов е како од најромантичните приказни. Тие велат дека еден за друг направиле многу работи што ќе ги помнат цел живот.

– „Како мал секогаш сакав да станам пилот. Летањето во облаците ми беше пасија, а управувањето на авион – сон кој никогаш не очекував да ми се оствари. Еден ден Маша ми ги заврза очите и одеднаш пред мене се појави авион. Вистински авион во кој требаше да бидам ко-пилот. Тоа беше буквално остварување на сон, полетавме заедно со пилотот, а Маша беше во задното седиште. Дефинитивно искуство кое ќе го помнам цел живот!“ – вели Коџо.

ЉУБОВ НА ДВА КОНТИНЕНТА: Маша и Коџо докажуваат дека сакањето не познава граници (ИНТЕРВЈУ)

Изнадувањата не завршуваат тука. Додека Коџо живеел во Холандија, еден ден му бил украден велосипедот, а откако и ја кажал лошата вест на Маша, таа следното утро се појавила пред неговата врата со нов велосипед со црвена панделка, а Коџо останал вчудоневиден. Друга работа која младиот гениј ќе ја помни засекогаш е скокот со параглајдер, кој слично како изненадувањето со авионот, бил неочекуван и со голема доза на адреналин.

Маша, пак, вели дека најголем подарок за нејзе е среќата на нејзиниот љубен – таа искрена среќа и радост кога му приредува изненадување големо колку една животна желба. Но, и таа била изненадена неколку пати:

– „Нешто што сигурно ќе го помнам е кога добив букет од рози за нашата годишнина. Бев на бизнис патување во Романија на датумот на годишнината од нашата врска и воопшто не ни очекував дека ќе бидам така изненадена. Но, Коџо организирал да ми донесат огромен букет од рози и да го остават пред мојата хотелска соба, некој чукна на вратата, а кога отворив знаев дека тоа е едно од изненадувањата на мојот Коџо.“ – раскажува Беќковиќ.

ЉУБОВ НА ДВА КОНТИНЕНТА: Маша и Коџо докажуваат дека сакањето не познава граници (ИНТЕРВЈУ)

Таа исто така била изненадена и со патување во Амстердам, кое и било животна желба, а Коџо секогаш знаел да ја разгали со ново парче од омилениот накит.

– „Исто така, неодамна добив рачно изработена алка со нашите имиња направена од локален мајстор во Гана која беше директно испорачана со брза пошта до мојот дом. Коџо ми кажа дека биле вложени недели рачен труд во изработката и тоа навистина ми значи. Но, сепак, најголем подарок е неговата љубов и кога го гледам среќен.“ – одлучна е Маша.

ЉУБОВТА НЕ ПОЗНАВА БОИ, НО НЕ И ОПШТЕСТВОТО

Љубов не постои само помеѓу Маша и Коџо, туку и помеѓу нивните фамилии. Тие велат дека ги сакаат како свои деца и воопшто не им смета бојата на Коџо, односно на Маша.

– „За нив нема разлика, го сакаат како моите браќа, и велат дека љубовта не познава бои, ниту граници.“ – вели Маша.

ЉУБОВ НА ДВА КОНТИНЕНТА: Маша и Коџо докажуваат дека сакањето не познава граници (ИНТЕРВЈУ)

Но, јавноста не секогаш го мисли истото. Тие велат дека често се предмет на внимание во јавноста и цел на стереотипите на општеството. Неодамна, дури биле напишани и лоши коментари за нивната љубов, откако било објавено интервју за еден македонски медиум.

– „Често знаат да нѐ гледаат, да покажуваат кон нас, но на тоа сме навикнати. Можеби се чудат затоа што сме бела девојка и црно момче и тоа што за нив е чудно, за нас е прекрасно! Но, за нас љубовта е слепа, не познава црна или бела боја, тоа така треба да биде за сите. Јас го сакам Коџо затоа што е човек, а не затоа што е црн, висок, со кафена или црна коса или сини очи. Ние не се сакаме за другите, ние се сакаме за нас! И тоа треба луѓето да го сфатат!“ – заклучува Маша Беќковиќ.

Иако овие двајца млади луѓе не се од истата раса, истата боја, не се од истата култура, не зборуваат ист јазик, имаат различни приказни од минатото, сепак имаат едно нешто заедничко – а тоа е љубовта, беспримерното универзално единство во светот.

ЉУБОВ НА ДВА КОНТИНЕНТА: Маша и Коџо докажуваат дека сакањето не познава граници (ИНТЕРВЈУ)

На прашањето што би им пренеле на останатите млади и заљубени за овој ден на вљубените, Маша изјави:

– „Секогаш ова го кажувам на моите пријатели, животот е краток и непредвидлив и треба да го прават и да го сакаат само тоа што ги прави среќни. Без разлика дали е тоа работата, училиштето, саканата личност, ако ве прават среќни, значи сте на правиот пат.“

Тие овој 14-ти февруари ќе го поминат заедно во Скопје, ќе гледаат некој добар филм и едноставно ќе се сакаат, а тоа им го порачуваат и на нашите читатели.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: МК Сцена

реклама
error: Содржината е заштитена со авторски права.
%d bloggers like this: