Следи нѐ
To Top

Стареење

Староста почнува со честата реторика „ во мое време беше поинаку” (обично подобро) или со симптоматично читање некролози, а знае да пермутира и во драстични амбалажни промени за инает на гравитацијата!

Како и да е, третото доба е добродојдена неминовност, треба зрело и мудро да ја живееме и приземно да ја прифатиме. Но дали сме свесни за промените?

реклама

Често размислуваме ретроактивно и се враќаме во адолесценција која ја паметиме по секојдневно стискање мозолчиња, нерамноправна борба со влакната (повлакнести девојчиња од момчиња кои би пуштиле брада кога би им се можело), а темата секс само како пропаганден материјал. За таква табу тема можеше да се прочита нешто од книгите на д-р Аца Костиќ „Полно сазнање“ или да се види по нешто во трафиките каде на насловните страници на Старт или Зум Репортер се смееше едикојаси блудна тетка.

Сега такви заблудени бесрамно се смеат од сите страни на светот, која страница да свртиш, книжна или електронска, развратот сега се вика „арт“ , а кој не го разбира има застарени сфаќања, или е стар за да разбере ( Хју Хeфнер беше ем стар , ем развратен, ем ,,арт”).

Во тоа старо демоде време и климактериумот беше табу тема и непознаница, жените ги болеше глава, повремено чувствуваа некакви валунзи како морски „валови“ и толку. Денеска се анализираат и толкуваат менопаузи и андропаузи како задолжителна лектира за средовечни и не се табу туку таблоид теми на секојдневието каде се користат старите добри озборувачки алатки во стилот „ климе ја дрма , а мини здолниште има“ или „ внуци има, а со девојчиња скита” и сл.

Но, империјата на „зрелите“ тогаш го враќа ударот со климасти алатки во стилот „ зрелоста е искусна и секси“ , „ староста значи разбирање и стабилност“ и други климави бла, бла „мудрини“ на кои младоста може лесно да се потсмева, баш како што е лекомислена. Страв од стареење е исто што и страв од летање, првиот лет треба да те вивне над останатите за да може да гледаш од горе, без да се изгориш како Икар и да атерираш цврсто на нозе. Затоа, да не се залетуваме многу дека ние никогаш нема да остариме, дека со духот ќе бидеме а,ла Петар Пан, дека се старее физички но не и духовно… Се старее од самото раѓање, стареат клетките, нечии тела поспоро што е генетска предиспозиција, некој го „стопира“ стареењето визуелно со естетски корекции и слично, но против гравитацијата не се може така лесно.

Денешницата има високи критериуми за изгледот и здравјето, го почитува императивот „вечно млади“ , животниот век се продолжува со разнозаразни трикови, краткотрајни продолжувачи на најголемиот човечки страв, страв од старост и смрт. Најубавите години на личната и општествена реализираност на човекот се помеѓу третата и четвртата деценија, да не се лажеме дека секоја деценија има иста убавина и моќ. Но наша универзална неправда е што токму тогаш, кога ќе се почуствуваш слободен и реализиран, исполнет и продуховен, телото и здравјето те издаваат.Ете таква е природата, сурова космичка рамнотежа , сурова гравитација и стареење како неминовност.

Како за утеха, стареењето е процес без радикални и драматични најави, тоа е линеарен процес, крива линија со скокови, понекогаш горка, понекогаш кисела , но сигурна и конечна колку и смртта. Затоа треба да го живееме секојдневието со сласт и страст, секој миг да му се радуваме на животот и широко да го вдишуваме воздухот , па и кога е загаден.

На секоја декада од животот да и дадеме посебност и благодарност што сме живи, без оглед колку сме стари и да старееме како катедрала – со годините да добиваме поголема вредност. Контра на гравитацијата да чекориме исправено , физички и духовно да се кренеме над сите небиднини и снебитувања давајќи и на староста можност мирно и мудро да гравитира.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Колумни

  • Интернетот загосподари…

    Господари со сето време на светов, влегува во сите слободни минути и како под хипноза минутите ги престорува во часови без...

    Татјана Алексиќмарт 11, 2018
  • Бес(з) трага од омраза

    „Од утро се мразам себе, а до вечер мразам се’ околу себе“. реклама

    Татјана Алексиќмарт 11, 2018
  • Теломанија

    „Ех да имам лепо тело плесао бих вече цело “ – Рок групата „Лабораторија звука“ , осумдесетите години на бившите Ју...

    Татјана Алексиќмарт 11, 2018
реклама
error: Содржината е заштитена со авторски права.