//
Следи нѐ
To Top

Глобалните ѕвезди од лондонската сцена, DISCIPLES настапуваат на Д ФЕСТИВАЛ!

Ова лето во Дојран нѐ очекува осмото издание на Д ФЕСТИВАЛ кој и годинава подготвува атрактивна музичка програма со која од 6-ти до 8-ми јули ќе бидат исполнети Фестивалските денови со повеќе од 60 изведувачи чии концертни настапи ќе се одржуваат на вкупно четирите бини на Фестивалот.

Од единствениот вистински летен музички фестивал кај нас нѐ делат едвај 100 дена, а листата на музички гости на Д ФЕСТИВАЛ 2018 секојдневно се исполнува со нови имиња, па со најновиот бран на потврдени изведувачи во неа се запишуваат: светската електро-денс атракција, славното лондонско трио DISCIPLES (Дисајплс) кое на 7-ми јули ќе настапи на главната бина, но и новите изведувачи на Mosquito Stage, одличниот словенечкиот бенд KOALA VOICE (Коала Војс) и актуелниот победник на Лузер фест, скопскиот бенд CONSPIRACY (Конспираси).

реклама

Веќе традиционално, Д ФЕСТИВАЛ на својата главна сцена ги претставува најактуелните ѕвезди од новата светска сцена, од кои повеќето и за прв пат се претставуваат пред македонската публика токму на Д ФЕСТИВАЛ. Во таа листа на изведувачи, со спектакуларни настапи во Дојран досега се запишаа дел од најпопуларните состави на денешницата како Сигма, Вилкинсон и Рудиментал. Оваа низа овој јули продолжува со потврдениот настап на светскиот музички феномен, лондонското трио DISCIPLES кое директно од светските денс топ листи ќе ги донесе своите бројни хитови на главната бина на Д ФЕСТИВАЛ. Лондонското трио Disciples „експлодира“ на светската сцена со хитот „How Deep Is Your Love“ изработен во соработка со славниот Келвин Харис. По синглот кој во моментов надминува милијарда прегледувања на „ЈуТјуб“, ги препозна и поддржа и легендарниот Пит Тонг од Би-Би-Си, по што со молскавична брзина се пробија на највисоките позиции на сите релевантни светски топ листи. Членовите на триото Дувал, Лук Мак и Гавин Кол самите ја пишуваат, пејат и продуцираат својата музика, а истакнато место на листите им оствари еден од најслушаните синглови во 2017-та, „On My Mind“!

KOALA VOICE се четири клинци од најиндустрискиот дел во Словенија. Со нивното свежо комбинирање на инди музиката со рок и поп звукот од ’70-тите, ги освоија срцата и гласовите на словенечкиот натпревар на средношколските бендови во 2014 година. Иако тогаш сѐ уште беа средношколци, работите се развиваа многу брзо за младиот бенд и продолжуваат со истото темпо, со договори за издавање, многу концерти и фестивалски настапи како оние на EXIT, Eurosonic, Tallinn Music Week, Wild Mint во Русија, Reeperbahn, Waves Vienna, Waves Bratislava и други низ Европа, а меѓу кои и ТАКСИРАТ фестивалот во 2016-та каде што KOALA VOICE го имаа убедливо најпосетениот настап на скопската PIN Music Conference таа година. Во моментов бендот е актуелен со својот нов, втор и самостојно објавен, албум Wolkenfabrik чиј материјал ќе ни го претстават на сцена, онаму каде што всушност се најдобри.

Младиот скопски бенд CONSPIRACY како актуелен победник на ЛУЗЕР ФЕСТ овој јули ќе настапи на Mosquito Stage на Д Фестивал. Conspiracy во денешниот состав постои од 2016-та година, а станува збор за вистински вљубеници се во треш метал звукот, кои со својата музика сакаат да придонесат за враќањето на овој музички правец на нашата македонска сцена. Иако постојат самo едвај две години, Conspiracy дефинитивно не ја чуваат својата музика само за во гаража и се трудат што е можно повеќе својата работа да ја претстават пред публиката, па покрај настапот на ланскиот Лузер Фест, зад себе веќе имаат и десетина настапи на различни музички манифестации и во скопските клубови. Членови на Conspiracy се: Стефан Трајкоски (вокал, ритам гитара), Давор Капац (соло гитара), Иван Димишков (тапани) и Милош Благоевиќ (бас гитара).

Тридневната програма на Д ФЕСТИВАЛ – единствениот open-air музички фестивал во Македонија, ова лето ќе се одржува од 6-ти до 8-ми јули во Дојран. Покрај DISCIPLES, KOALA VOICE и CONSPIRACY, во музичката програма за осмото издание на Фестивалот веќе се запишаа и FINK, ДУКЕ БОЈАЏИЕВ, ГОРАН ТРАЈКОСКИ, WHO SEE, PUSSY RIOT, ПАЛИНДРОМ, но и уште многу други кои наскоро ќе бидат објавени.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Музика

реклама
error: Содржината е заштитена со авторски права.