Следи нѐ
To Top

Севдализа, aрт-поп ѕвездата од светската авангарда доаѓа на Д ФЕСТИВАЛ!

Музичката програма на годинашниот Д ФЕСТИВАЛ веќе изобилува со значајни музички уметници кои за прв пат ќе настапат кај нас, а оваа листа продолжува и со најновото светско име кое се приклучува во музичката програма за единствениот вистински летен open-air музички фестивал во државава.

Станува збор за сензационалната арт-поп авторка СЕВДАЛИЗА (SEVDALIZA) која премиерно пред македонската публика во Дојран ќе го претстави својот современ уметнички израз и звукот на 21-иот век.

реклама

Светски актуелната авангардна поп ѕвезда и во моментов водечка трип-хоп уметница која ја карактеризираат уникатните и исклучителни визуелни настапи, ја пречекуваме со нејзиниот бенд на главната бина на Д ФЕСТИВАЛ во недела, на 8-ми јули! Актуелниот албум „ISON“, како и одличните настапи и впечатливите спотови ја лансираа иранската уметница на сцените на водечките светски фестивали.

Севда Ализадех (Sevda Alizadeh), повеќе позната како Севдализа е родена во Иран, а пораснала во Ротердам. Таа била сама свој учител по пеење, пишување, режија и компонирање, а течно владее со дури пет јазици. А нејзиниот труд не бил залуден, бидејќи денеска ја препознаваат како иднината, не само на алтернативната сцена, туку и на звукот кој најмногу одговара на она што навистина го одредува овој век. Нејзината музика ја карактеризираат сложеноста на нејзиниот зарипнат и сензуален RnB вокал, отсечните музички фрази и елегичните мелодии кои ги носат силните бас линии. Ритмичките тензии се претопуваат во хаотични кулминации додека во мелодиите се мешаат панк, трип-хоп, електроника и грајм. Целиот музички израз го заокружуваат текстовите на песните во кои јасно е воочливо влијанието на книжевноста и филозофијата, а критичарите по двата одлични макси-синглови, „The Suspended Kid“ и „Children of Silk“, нејзиниот албум првенец „ISON“ веќе го нарекоа предвесник на новата музичка ера. Со нејзиниот настап на Д фестивал, за прв пат ќе имаме прилика во живо да уживаме во нумерите како што се „Human“, „That Other Girl“ и „Sirens of the Caspian“!

РЕГИОНАЛНИТЕ МУЗИЧКИ ТАЛЕНТИ ЈА ЗАСИЛУВААТ ПРОГРАМАТА НА МОСКИТО СТЕЈЏ!

И втората по големина бина – МОСКИТО СТЕЈЏ (Mosquito Stage) која се наоѓа во централниот дел од Фестивалскиот камп, зоната која важи за срцето на Д Фестивал, добива нови музички засилувања. Москито Стејџ ова лето ја пречекува публиката со веројатно најсилната програма досега која воедно го претставува непресушниот музички талент од регионот, а една од најлудите журки со сигурност ќе биде концертот на хрватската фолк-панк банда БРКОВИ (Brkovi) која го потврди својот настап на оваа бина. Во жестоката регионална рап екипа пак, на Д Фестивал покрај веќе најавените хип-хоп ѕвезди од регионот „Ху Си“ и Френки, ни се придружува и ХЕЛЕМ НЕЈСЕ (Helem nejse), во моментов најслушаната екипа од Сараево која ќе настапи токму на Mosquito Stage во Дојран!

Д ФЕСТИВАЛ ќе се одржува од 6-ти до 8-ми јули во Дојран, а покрај SEVDALIZA, BRKOVI и HELEM NEJSE, во тридневната музичка програма својот настап веќе го потврдија и PAUL VAN DYK, DISCIPLES, FINK, ДУКЕ БОЈАЏИЕВ, ГОРАН ТРАЈКОСКИ, WHO SEE, PUSSY RIOT, FRENKIE, KOALA VOICE, CONSPIRACY и ПАЛИНДРОМ, но и уште многу други кои наскоро ќе бидат објавени.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Музика

реклама
error: Содржината е заштитена со авторски права.