Следи нѐ
To Top

Од утре нови полимерни 10-ки и 50-ки, книжните нема да важат

Од утре во оптек влегуваат првите полимерни пари, во апоенска вредност од 10 и 50 денари. Со почетокот на употребата на новите банкноти од оптек се повлекуваат досегашните книжни 10-ки и 50-ки кои нема да бидат законско средства зо плаќање.

Од НБРМ соопштуваат дека основната разлика меѓу полимерните и книжните пари што се повлекуваат од оптек е токму материјалот што се користи како подлога за печатење ‒ хартијата изработена од памучни влакна се заменува со специјална подлога, супстрат изработен од биаксијално ориентиран полипропилен. Во соопштението појаснуваат дека поради постигнување компатибилност за печатарска изведба на овој супстрат за изработка, направено е соодветно приспособување на основниот дизајн на овие пари. Меѓу другото, наместо водениот печат што го содржеа книжните, полимерните пари во апоенска вредност од 10 и 50 денари ќе содржат транспарентен прозорец во кој се вградени препознатливи елементи од нивниот оригинален дизајн. Поконкретно, кај апоенот од 10 денари е претставен стилизиран цртеж на паун, додека кај апоенот од 50 денари има приказ на гравура на рановизантиска монета.

реклама

Заштитниот конец кај полимерните пари се гледа како испрекината линија, со јасно испишан текст „НБРМ“, додека кај книжните пари коишто се повлекуваат од оптек, тој е вткаен во хартијата и под дејство на светлина се гледа како непрекината линија со јасно испишан текст „НБРМ“.

Како заштитни знаци, полимерните пари во апоенска вредност од 10 и 50 денари, меѓу другото, содржат и микротекст видлив само со лупа, двоен пасер и скриена слика, а ќе имаат и УВ-својства. Накратко, супстратот за изработка на полимерните пари овозможува нивниот дизајн да содржи безбедносни карактеристики и заштитни знаци коишто не може масовно да се репродуцираат со употреба на воспоставените техники за фалсификување пари.

На овие пари во апоенска вредност од 10 и 50 денари има и ознака во вид на издигнати точки за распознавање на апоенот од страна на лицата со оштетен вид.

Супстратот којшто се користи за изработка на парите во апоенска вредност од 10 и 50 денари коишто утре влегуваат во оптек, не се оштетува лесно, што не е случај и со хартијата. Анализите покажуваат дека животниот век на парите изработени од полимер е подолг за 2,5 до три пати, а во некои случаи и за четири пати од оној на парите изработени од хартијата во чијашто основа се памучни влакна. од НБРМ сметаат дека покрај тоа што долгиот животен век на полимерните пари има прагматична вредност при нивната секојдневна употреба од страна на граѓаните, дополнително се очекува дека со пуштањето во оптек на полимерните пари, во иднина, ќе биде многу помала потребата од нови изданија со иста апоенска вредност. Тоа, додаваат, значи заштеда и на ресурси и на средства.

Народната банка ги потсетува граѓаните и правните лица дека доколку и од утре, 15 мај, поседуваат книжни пари во апоенска вредност од 10 и 50 денари, имајќи предвид дека тие веќе нема да бидат законско средство за плаќање, нив ќе можат бесплатно да ги заменат за други пари или ковани пари во еквивалентен износ. Од 15 мај годинава до 15 мај 2019 година, ќе можат да ја извршат замената во деловните банки во Република Македонија. По 15 мај следната година, замената ќе може да се изврши исклучиво во Народната банка.

Потсетуваат дека кованите пари во апоенска вредност од 10 и 50 денари и натаму ќе бидат во оптек, односно и натаму се законско средство за плаќање во Република Македонија, поради што за нив не треба да се врши замена за други пари во еквивалентен износ.

Од утре започнува и периодот во којшто правните лица коишто ги одржуваат машините за обработка на пари и автоматите за наплата со готовина на територијата на Република Македонија ќе можат да ги приспособат софтверите за да ги препознаваат карактеристиките и заштитните елементи на полимерните пари во апоенска вредност од 10 и 50 денари.

– Влегувањето во оптек на полимерните пари во апоенска вредност од 10 и 50 денари на 15 мај годинава е значаен момент во работењето на Народната банка. Од утре, Република Македонија ќе биде на мапата на државите чијашто централна банка има започнато процес на полимеризација на парите на националната валута. Македонскиот денар ќе се вбројува меѓу валутите чии пари со пониска апоенска вредност, коишто се и најзастапени во одвивањето на готовинските трансакции, се изработени на најсовремен начин и од најсовремен материјал.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Вести

реклама
error: Содржината е заштитена со авторски права.