Следи нѐ
To Top

По ударот на ураганот Флоренс, драматичен пораст на водостојот на реките

Нивото на реките во подрачјата погодени од ураганот Флоренс драматично се зголемува, предупредија метеоролозите откако денеска централниот дел од ураганот го погоди градот Рајтсвил Бич во Северна Каролина.

Во Вашингтон и Северна Каролина од поплавите е поплавен автопатот 264, со што е пресечена главната рута кон другите зони кои се загрозени од поплавите.

реклама

Во градот Њу Берн од поплавите се загрозени 150 луѓе, кои чекаат спасување. Тв станицата во тој град, исто така, морала да биде евакуирана среде известувањето за ураганот.

Федералните власти ги повикаа сите оние кои не ја послушале наредбата за евакуација да останат каде што се наоѓаат и да не ги напуштаат засолништата.

Ураганот Флоренс кој денеска ја погоди Северна Каролина предизвика поројни дождови и високи бранови, а повеќе од 415 илјади објекти останаа без струја. Во налетите на ураганот урнати или оштетени се голем број куќи и објекти.

Министерот за енергетика Рик Пери изјави дека американскиот сектор за електростпанство е добро подготвен за ураганот, иако стотици илјади домови останаа без електрична енергија.

Повеќе од 60 луѓе се извлечени од мотел кој се урна од силната бура, а опасност претставуваат и деловите од разурнатите објекти кои ги носи силниот ветер.

Флоренс, кој по ударот во Рајтсвил Бич се движи кон запад, останува ураган од категорија 1, при што брзината на ветрот изнесува околу 150 километри на час.

Метеоролозите нагласуваат дека најсериозна опасност од ураганот претставува количината врнежи, а не силината на ветрот, па се очекува дека дождот ќе предизвика катастрофални поплави, пренесува Танјуг.

Флоренс, чиј пречник во моментов изнесува 400 километри, ќе ги погоди подрачјата на кои живеат околу 11 милиони Американци.

Американските медиуми наведуваат дека се очекува штетата од ураганот да изнесува околу 60 милијарди долари.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Вести

реклама
error: Содржината е заштитена со авторски права.