//
Следи нѐ
To Top

БАЈРАМИ: Кривична пријава за напаѓачот во Ново Лисиче

До овој момент нема некои посериозни нарушувања на гласањето на референдумот, освен инцидентот што се случи во дворот на ОУ „Лазо Ангеловски” во Скопје, кога едно лице нападна тројца полициски службеници за време на гласањето, изјави јавниот обвинител Џељаљ Бајрами, кој е претседател на Комисијата за следење евентуални противправности на референдумот.

– СВР Скопје го извести Обвинителството за извршено кривично дело, денеска во дворот на ОУ „Лазо Ангеловски” во Скопје на гласачко место број 2708. Осомничениот е задржан во полициска станица. Во координација на ОЈО Скопје, СВР Скопје постапува за целосно документирање на настанот по што ќе ја достави целата документација со кривична пријава против осомничениот за сторено кривично дело „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“ од член 383 од Кривичниот законик, рече Бајрами.

реклама

Со овој настан, како што велат од Обвинителството, не е нарушен процесот на гласање, ниту пак имало некакво влијание кон гласачите во остварување во гласачкото право. Други пријавени незаконитости на територијата на надлежност на Вишото јавно обвинителство Скопје нема.

Јавниот обвинител посочи дека на гласачките места на територија на Вишото јавно обвинителство Штип нема сериозни неправилности.

– Имаме сознанија за мал инцидент во Радовиш каде едно лице фрлало летоци. Надлежното обвинителство информира дека со ова дејствие е сторен прекршок. Во Кочани, во 11:30 минути, надвор од избирачко место по завршено гласање биле упатени закани од едно на друго лице, но истите немале влијание врз процесот на гласање. Во Штип има случај на неовластено фотографирање. Фотографирано било лице кое носело храна на избирачко место. Лицето кое неовластено фотографирало е задржано во полиција на разговор, велат од Обвинителството.

На територија на надлежност на Вишото јавно обвинителство Гостивар, како што посочи јавниот обвинител, до 14:40 минути не се пријавени неправилности поврзани со процесот на гласање, ниту посериозен инцидент кој би го попречил референдумскиот процес.

Тој додаде дека мирно се одвива и процесот на гласање на територијата на Вишото јавно обвинителство Битола.

На електронската адреса на Привремената комисија при ЈОРМ: [email protected]. досега се добиени 10-тина поднесоци, од кои седум или осум се од едно лице, а според Комисијата тие поднесоци немаат елементи за кривични дела.

Комисијата, како што рече Бајрами, има за задача да ги следи сите настани поврзани со процесот на спроведувањето на референдумот.

– Таму каде што има индиции за извршени нерегуларности, веднаш известувањата се проследуваат до соодветното Основно јавно обвинителство. Дадени се задолженија до Основните јавни обвинителства за итно постапување, односно за формирање предмети и преземање на сите  дејствија за утврдување на релевантни факти од кои зависи правилната примена на Кривичниот законик, додаде тој.

Бајрами истакна дека комуникацијата и координацијата со обвинителствата и со Министерството за внатрешни работи се одвива перманентно.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Вести

реклама
error: Содржината е заштитена со авторски права.
%d bloggers like this: