Следи нѐ
To Top

Граѓаните на референдум се изјаснуваат за членство во НАТО и ЕУ и Договорот со Грција

Во Македонија денеска се одржува референдум на државно ниво на којшто гласачите треба да се изјаснат на прашањето „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО, со прифаќање на договорот на Република Македонија и Република Грција?“ со заокружување „за“ или „против“. 

Право на глас имаат еден милион 806 илјади и 336 гласачи запишани во Избирачкиот список.

реклама

Се гласа на 3.478 избирачки места. Избирачките места се отворени од седум до 19 часот.

Ден пред референдумот, вчера гласаа лицата во казнено-поправните домови, внатрешно раселените, лицата кои се наоѓаат на издржување мерка куќен притвор и немоќните и болните лица кои го побарале тоа од општинските изборни комисии.  Во казнено-поправните установи низ земјава, вкупно 13, до 17 часот излезноста беше 64,69 отсто. Гласале 1.008 од евидентираните 1.558 лица со право на глас. Во своите домови, пак, според првичните информации од општинските изборни комисии, гласале 1.520 болни или изнемоштени лица од запишаните 1.859.

Вчера гласаа и граѓаните на Република Македонија во странство. Пријавени за гласање беа 2.694 македонски државјани, а тоа можеа да го направат во 33 дипломатско-конзуларни претставништва и конзуларни канцеларии на Република Македонија низ светот. Како што соопшти ДИК, до 17 часот вкупно 985 македонски иселеници или 36,56 отсто  излегле да гласаат за референдумското прашање, но во нив не беа влезени оние од САД, Канада и Лондон (вкупно пет гласачки места) каде гласањето не беше завршено.

Во текот на денешниот ден ДИК ќе излезе со пресек за податоците од вчерашното гласање во конзуларните претставништва, казнено-поправните установи, како и за болните и изнемотшени лица.

По затворањето на гласањето во 19 часот, ДИК првичните резултати од референдумот добиени по електронски пат ги објавува сукцесивно, а резултатите врз основа на податоците од записниците и целокупниот гласачки материјал од ОИК во рок од 24 часа по нивниот прием. Конечните резултати од референдумот ДИК ги објавува веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа од денот на нивната конечност. ДИК ги објавува резултатите од референдумот во Службен весник во рок од 15 дена од денот на одржувањето.

Денешното изјаснување на референдумот ќе го набљудуваат рекорден број домашни и странски набљудувачи. Официјалната бројка од ДИК на акредитирани домашни набљудувачи е 11.907, на странските набљудувачи е 493, а меѓународните организации акредитирале и 194 преведувачи.

Покрај домашни, референдумот ќе го следат и странски новинари. ДИК акредитирала 83 новинари од 32 медиуми.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Вести

реклама
error: Содржината е заштитена со авторски права.