//
Следи нѐ
To Top

Македонска премиера на „Ругање со Христос“, награда од „Киненова“ за Аница Добра

Во исполнетата сала на кино „Милениум“ вчеравечер се прикажа македонската премиера на дебитантскиот игран филм „Ругање со Христос“ по сценарио и режија на Јани Бојаџи, со кој е отворен 3. Меѓународен фестивал на дебитантски филм „Киненова“. 

Филмот освои награда на фестивалот во Монтреал, каде што беше светската премиера, а во Македонија до вечерва не е прикажан и беше достапен само трејлерот. Предизвика внимание во јавноста по оценката од Министерството за култура дека е „скандалозен и контроверзен, дека тенденциозно игра со историјата и му наштетува на соживотот“.

реклама

Пред проекцијата режисерот Бојаџи пред публиката во „Милениум“ рече дека неговиот филм не се занимава со вистината, туку со приказна. Кажа дека во изминатите два месеца добивал прашања дали е филмот снимен според вистина и одговори дека со прашањето дали филмот треба да се занимава со вистина расчистил пред дваесетина години кога негов професор на Академијата за театар и филм во Софија му рекол: „Кога ќе дојдеш на крстопатот меѓу вистината и приказната, тргнуваш по приказната. Таму можеби ќе најдеш некаква вистина“.

–  Во тој момент расчистив и престанав да се занимавам со вистината. Особено да се занимаваме со вистината во кинематографијата е бесмислено кога толку лаги има наоколу. Значи, овој филм не се занимава со вистина, туку со приказна, рече Бојаџи.

Соопшти дека филмот е нискобуџетен, снимен со 280.000 евра, осум недели во Македонија, Грција и Франција, со интернационална актерска екипа, како што рече: Македонци, Грци, Албанци, Бугари, Руси, Хрвати, Французи, Германци, Словенци.

На отворањето на фестивалот и пред почетокот на филмот на Бојаџи, српската актерка и ѕвезда на југословенскиот филм Аница Добра ја прими наградата за особен придонес во филмската уметност.

– Пред проекцијата на филмот би сакала да кажам дека филмовите ги спојуваат непознатото и луѓето, филмовите градат мостови и тоа не е само наша лична работа, туку остава голема трага и отпечаток во цивилизацијата. За да напредуваме како цивилизација, мора да научиме да гледаме на светот и со туѓи очи, зашто само така, ако ги разбереме туѓите животи и туѓите погледи на светот, и самите себеси ќе си дадеме подлабока суштина и причина за овој наш живот, рече Добра.

Актерката со улоги во околу сто филмови, меѓу кои во „Собирен центар“, „Балкан експрес“, „Како пропадна рокенролот“, „Црниот бомбардер“, „Веќе видено“, „Тито и јас“… рече и дека Македонците се толку прекрасен народ што и во  јазикот имаат многу деминутиви.

– Моето презиме би било „добричка“, но вие ми укажавте толкава почит и ме направивте – најдобра, рече познатата актерка.

Наградата и ја врачи директорот на „Киненова“ Небојша Јовановиќ. За филмот на Бојаџи тој рече дека предизвикал многу внимание во јавноста и дека, поради големиот интерес за билетите кои беа во слободна продажба за премиерата, ја разгледуваат можноста да организираат уште една проекција.

– Се изборивме за овој слободен простор и се уште се бориме. Работевме напорно за фестивалот, рече Јовановиќ, прогласувајќи го отворен  третиот фестивал  „Киненова“  кој ќе трае до 12 октомври.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: МК Сцена

реклама
error: Содржината е заштитена со авторски права.
%d bloggers like this: