//
Следи нѐ
To Top

Најголемиот светски хедлајнер за 2019-та пристигнува – The Cure конечно на Exit!

Еден од најголемите бендови во историјата на популарната музика конечно пристигнува на EXIT (Егзит)! Откако годинава го распродадоа „Хајд парк“ во Лондон за 65.000 посетители, неодамна одекна ширум светот и веста дека рок-гигантите The Cure (Д Кјур) следната година заминуваат на јубилејната и можеби последна турнеја по повод неверојатните 40 години постоење на бендот.

Славниот „Гардијан“ по повод овој голем јубилеј наведува дека во прашање е музичкиот состав кој „протатни низ 80-тите онака како што Битлси протатнија низ 60-тите или Боуви низ 70-тите, диво креативни, менувајќи се постојано“, додека култниот „Ен-Ем-И“ нивниот неодамнешен концерт го опишува како „чиста перфекција“ на голем рок бенд кој е „на врвот од својата вештина“, нарекувајќи ги „Божествени гении“.

реклама

The Cure следната година ќе биде апсолутен хедлајнер на мал број европски фестивали, па продажбата на билетите за првите објавени датуми за 2019-та вивна во рекорден рок. На лично инсистирање на бендот, EXIT, актуелниот носител на европската шампионска фестивалска титула, се најде меѓу одбраните фестивали, па на задоволство на публиката од целиот регион The Cure за прв пат во Србија и регионов ќе настапат на 4-ти јули на Петроварадинската тврдина во Нови Сад.

На денешната конференција за новинари, Душан Ковачевиќ, основачот на Exit изјави дека не е лесно да се дојде до бенд од врвот на листата со желби на сите големи фестивали: „Секоја година од основањето на Exit испраќавме понуди за The Cure, а парадоксално, баш во моментот кога се најголеми откако постојат и тргнуваат на најбараната турнеја за следната година, се случи тие да ни се јават нам!“ Славниот рок критичар Драган Амброзиќ додаде дека во прашање е неверојатна вест, како и тоа дека „со голема сигурност може да се каже дека станува збор за еден од најзначајните концерти во историјата на EXIT фестивал.“

Бидејќи ова е турнеја со мал број на датуми и имајќи предвид дека станува збор за бенд кој го слушаат милиони фанови од неколку генерации, се очекува влезниците за нивните концерти да бидат најбараните за 2019-та година, за што потврдуваат веќе распродадените концерти за само неколку часа од лансирањето на влезниците, како што беше и концертот во Даблин, кој во Ирска предизвика општ хаос во трката за билети!

The Cure важат за бенд кој ужива во секое стапнување на сцената, а „Ролинг Стоун“ го оценува нивниот неодамнешен концертен спектакл пред 65.000 фанови во Лондон како ретко интимен за настан од таа големина. Без разлика дали свират на фестивал или самостојно, сет-листите им се протегаат низ целата кариера поради што нивните настапи секогаш траат од два до три часа, па и настапот на Exit ќе биде вистински концертен спектакл со најголемиот број на хитови како што се „Friday I’m in Love“, „Lovesong“, „Pictures of You“, „In Between Days“, „Boys Don’t Cry“, „Close to Me“, “Love Cats”, “Just Like Heaven”, “A Forest”…

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Музика

реклама
error: Содржината е заштитена со авторски права.
%d bloggers like this: