//
Следи нѐ
To Top

Со двотретинско мнозинство усвоен стартот на уставните измени за промена на името на државата

По неколку пати одложен старт на седницата на Собранието, нешто по 22 часот уставните измени добија „зелено светло“ од неопходните 80 пратеници.

Со ова Собранието ја потврди одлуката за пристапување кон измените на Уставот кои се предвидени со Договорот со Грција. За уставните измени гласаа и осуммина пратеници од опозицијата, точно колку што беше потребно за да се обезбедни неопходното двотретинско мнозинство.

реклама

На самото гласање пратениците од опозицијата станаа од своите столчиња, но не ја напуштија салата.

Во собраниските клупи останаа само седуммината пратеници: Елизабета Канческа – Милевска, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов, Крсто Мукоски, Зеќир Рамчиловиќ, Нора Исмаиловска – Старова, Емилија Александрова како и Владанка Авировиќ од Социјалистичката партија.

Координаторот на пратеничката група Драган Данев побара уште еднаш да се гласа, рачно и поединечно, но резултатот беше ист – 80 пратеници со поддршка за почеток на измените на Уставот.

По гласањето прес-конференции одржаа премиерот Зоран Заев и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Премиерот Заев истакна дека ова е историски ден за Македонија и дека преку работни групи во Собранието ќе работи на националното помирување кое го најави. Тој додаде дека институциите на системот ќе ги штитат пратениците кои го поддржаа процесот на уставните измени.

– „Денес е историски ден. Денес Собранието, следејќи ја волјата на граѓаните, овозможи да чекориме кон портите на Европската унија и НАТО. Сакам да му се заблагодарам на секој пратеник, особено на храбрите пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, кои го ставија интерсот на земјата над партијата и покрај партиските притисоци. Како премиер ќе ја гарантирам безбедноста на секој пратеник и нивните семејства“, рече премиерот и додаде дека имало и други пратеници кои најавиле поддршка, но во последен момент се предомислиле.

Мицкоски ги повтори обвинувањата за уцени и притисоци, но исто така соопшти дека седуммината пратеници кои ги поддржаа уставните измени се исклучени од партијата.

– „Имам информации и сведоштва за силни притисоци и закани. Било ветувано ослободување од обвиненијата за кои денес е повеќе од јасно дека се дел од прогон кој има политичка намена, да ги уцени пратениците да гласаат за овој договор. Велат дека биле и понудени пари. Сакам да изразам благодарност и огромна почит за пратениците кои одолеаја на заканите и уцените, вие сте пример како се брани и сака својата земја и својот народ. Вечерва ИК на ВМРО-ДПМНЕ одржа вонредна седница и на мој предлог едногласно се усвои веднаш исклучување на седум пратеници од партијата“, рече Мицкоски.

Според законските процедури Владата има рок од 15 дена да ги достави нацрт измените на амандманите до Собранието, а премиерот Заев најави дека тоа ќе биде многу побрзо. Потоа следуваат јавни расправи во Собранието и во Комисијата за уставни прашања и гласање за секој амандман посебно, процес кој се предвидува да заврши кон средината на декември.

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: Вести

реклама
error: Содржината е заштитена со авторски права.
%d bloggers like this: