//
Следи нѐ
To Top

ПИН КОНФЕРЕНЦИЈА: Таткото на Дуа Липа и кремот на европската музичка индустрија доаѓаат во Скопје!

Во четврток, 29-ти ноември во Скопје почнува официјалната програма на јубилејниот 20-ти ТАКСИРАТ ФЕСТИВАЛ, со меѓународната ПИН музичка конференција која во Македонија ќе ги собере најважните луѓе од европската музичка индустрија!

Овој настан, Таксират го организира по петти пат и што е најважно за публиката, и годинава со БЕСПЛАТЕН ВЛЕЗ за целосната програма. А во рамки на програмата, покрај дневните панел-дискусии и можноста за средби, споделување искуства и дружење со над 100 странски делегати, публиката ќе има прилика да погледне и 25 концерти на влијателни македонски изведувачи и значајни претставници на новата европска музичка сцена. ПИН конференцијата почнува во четврток, а ќе се одржува и на 30-ти ноември и 1-ви декември во Младински Културен Центар, Скопје.

реклама

Работен јазик на конференцијата е англискиот, но традиционално Таксират го резервира првиот ден од ПИН за македонскиот панел посветен на најгорливите теми за културната сцена кај нас, годинава под наслов „Љубов ли е ова или панаѓур?“. На оваа средба ќе имаме ретка можност за дебата помеѓу јавната администрација и граѓанскиот сектор од областа на културата, а теми колку сакате: конкурси, културни простори, касетна продукција, Креативна Европа, наичин на функционирање… Во петокот и саботата на ПИН, панел-програмата ќе опфати важни теми за оваа индустрија како што се: патот до успехот на меѓународната сцена, влијанието на технологијата и дигитализацијата врз музиката, инстант-ѕвездите, вистината зад вредноста на фестивалите, општествената важност на електронската музика, малите земји на глобалната сцена, улогата на државата и т.н.

Како гости на панелите ќе ги чуеме ДУКАЃИН ЛИПА – директор на најголемиот фестивал „Сани Хил“ во Косово и татко на светската бр.1 женска музичка ѕвезда Дуа Липа, ГИОРГИ УЈМАЈУРИЏЕ – менаџерот на култниот клуб Басиани во Грузија кој годинава светски одекна со масовните рејв-протести, ГОРДОН МЕЈСОН – уредник на најзначајниот магазин за live музичката индустрија „IQ Magazine“, но и престижниот американски „Билборд“ и британската International Live Music Conference, како и директори и претставници на славните фестивали како словачкиот ПОХОДА кој доаѓа со целиот свој тим за live презентација како „од а до ш“ се прави голем фестивал, но и ЕГЗИТ, РИВОРКС, ПАНК РОК ХОЛИДЕЈ, ЗИГЕТ и т.н. Покрај европските, ПИН ќе угости и подалечни гости, како на пример ФРАНЦИСКО КЕРЕНО кој ќе ни ја претстави бразилската музичка индустрија.

Над 20 значајни музички уметници пак, се запишуваат во концертната програма во вечерните часови на ПИН каде што ќе ги видиме нашите ГОРАН ТРАЈКОСКИ кој на сцената остави значајна трага и со бендовите Анастасија, Мизар и Падот на Византија, СТРИНГ ФОРСЕС со промоција на новото ЕП, најголемата македонска атракција во моментов и „Јутјуб“ рекордер ДУПЕР, најдоброто од транс сцената кај нас а светски ѕвезди во овој жанр ЕГОРИТМИЈА, Спирит Архитект, Модуал, Микромомент, потоа ПЛУТОС ДАУТС, но и бројни странски бендови. Од соседството ни гостуваат ЕЛ ПРЕЗИДЕНТЕ – бендот на Лука Максимовиќ, ексцентричниот претседателски кандидат од изборите во Србија во 2017-та, а ќе ги видиме и одличните алтернативни женски изведувачи од регионот како ЖЕН, КАТЈА ШУЛЦ, АНА ЌУРЧИН, РУТ КОЛЕВА, потоа новата музичка сцена од различни земји во Европа како панкерите „Пајпс енд пинтс“ од Чешка, победниците на белгискиот „Монтро џез фестивал“ за најдобар џез состав „Ајландмен“, дивата на унгарската инди сцена Вера Јонас и уште десетина други (објавени на овој линк).

И сето тоа е само дел, а целосната програма со БЕСПЛАТЕН ВЛЕЗ за сите посетители од Македонија. Поради ограничениот капацитет, единствена обврска имаат оние кои ќе одат на дневната програма: за да добијат бесплатна акредитација треба да се регистрираат на овој линк. За концертите, влезот е БЕСПЛАТЕН и нема потреба за претходна регистрација.

Целосната програма и сите детали за ПИН ќе ги најдете на интернет страницата www.pinconference.mk или www.taksirat.mk .

ПОВЕЌЕ ОД КАТЕГОРИЈАТА: МК Сцена

реклама
error: Содржината е заштитена со авторски права.
%d bloggers like this: