Поврзи се со нас

Популарно.мк

Дефиле под маски на Вевчанскиот карневал

Вести

Дефиле под маски на Вевчанскиот карневал

Со традиционалното дефиле под маски, кои на сатиричен начин ќе ги отсликаат случувањата во изминатата година денеска напладне официјално почнува Вевчанскиот карневал „Василичари 2019 година“.

Двете василичарски друштва Горна и Долна маала со зетот, невестата, двата ѓаволи, глупавите Августи и останатите маски инспирирани од актуелните политички и секојдневни случувања во изминатите 12 месеци ќе продефилираат низ вевчанските улици. Вевчани денеска и утре ќе наликува на театар на отворено, а секое карневалско издание за вевчанци е доживување и инспирација за изработка на маска за следната година. Вевчанци ќе кажат се, но до последен момент, до дефилето не откриваат во што ќе се маскираат.

Градоначалникот Сашо Јанкоски информира дека патот до Вевчани и улиците низ населбата се чисти и сместувачките капацитети се исполнети.

– Иако Вевчани има мал број сместувачки капацитети, тие се исполнети до последно место. Исчистени се улиците низ населбата, како и патот до Вевчани. Ги очекуваме сите љубители на хуморот и сатирата да дојдат во Вевчани и да го проследиме заедно спектаклот под маски, изјави Јанкоски за МИА.

Годинава, додаде тој, очекуваат над 1.000 василичари да продефилираат низ вевчанските улици, а вевчанци се подготвени да ги пречекаат и угостат со традиционални специјалитети, луканци и греани ракија и вино.

Новата година, според Јулијанскиот календар ќе биде дочекана со концерт на „Баклава“, „Џубокс бенд“, „Кате и нели ти реков и „Оркестар зурли и тапани“.

Во утринските часови традиционално невестите од двете маала заедно со гостите одат на Вевчанските извори да наполнат вода со која се прави вевчанскиот кашаник (зелник) во кој се става паричката. Кај оној што ќе се падне паричката ќе биде среќен и бериќетен во текот на целата година. Според традицијата, манифестацијата завршува на 14-ти, попладне со палење на маските во центарот на Вевчани.

Вевчанскиот карневал, кој датира од настанокот на Вевчани, со традиција од околу 15 века симболизира два паралелни света, едниот му припаѓа на паганството, а другиот на христијанството. Задолжителни елементи се зетот и невестата кои се симбол на плодноста и продолжувањето на семејството, двата ѓавола, кои се олицетворение на злото и двајцата глупави Августи, кои ги штитат од злото. Со манифестацијата се одбележува христијанскиот празник Св. Василиј Велики или доаѓањето на новата година по стариот, Јулијанскиот календар.

Информативна Редакција

Главниот и одговорен уредник на веб порталот Популарно.мк. Ѓорги е перспективен новинар кој со својата креативност и талент го направи Популарно.мк дел од водечките информативни сајтови во Македонија. Во исто време е регионален известувач за CNN од Македонија и главен на продукцијата GPTM Production.

Повеќе од Вести

ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.