Поврзи се со нас

Популарно.мк

ПОСЛЕ СВАҔЕ ЈЕ СЛАҔЕ!

Колумни

ПОСЛЕ СВАҔЕ ЈЕ СЛАҔЕ!

ПОСЛЕ СВАҔЕ ЈЕ СЛАҔЕ!

Србите често ја користат оваа фраза, се римува, препознатлива е , и затоа не ја преведов.

Во периодот на просветителството во Македонија, македонските учебникари ја ширеле просветата на народен јазик, а во нивните поучни слова запишана е народната мудрост ,,обуздај лутината кога си срдит , не говори нишчо”. Можеби ,,слаткоста” на ,,постдиспут” ( по кавга ) е во молчењето, ќутенката да ги заборавиме непријатностите ако е возможно.

Но, кога кавгите се секојдневие , без пристојно ниво на воздржаност од погрдни зборови, нема можност за слатко помирување. Ништо не може да биде слатко после горчливите отровни зборови, исто како да истуриш малку мед во чаша полна пелин, но која мора да ја испиеш до последната капка горчина. Затоа да внимаваме на зборовите, поубиствени се од куршумите, отровни како арсен, разорни како силата на тектонски пореметувања.

Спротивно од нив, убавите зборови полни љубов не здравеат, ни го продолжуваат векот, ни влеваат самодоверба и животни радости. Конфликтите се составен дел од нашиот живот, ниту се добри , ниту пак толку лоши, но никако не треба да им се плашиме. Стравот му дава право на агресорот да напаѓа и за жал, стравот е емоција која го движи светот. За кавга се потребни најмалку двајца, но не е редок и внатрешниот конфликт, кога самите не се разбираме и не знаеме кого и што сакаме ( најтежок за решавање ).

Кавгата меѓу нас, почнува кога едниот има потреба која другиот не ја исполнува. Страв од кавга не турка во затвореност и патење, или пак озборување и агресивност. Кога се плашиш да се протиставиш на изворот на своето незадоволство плашејќи се од гнев, навреди и неразбирање, удираш или врз околината која нема вина, или врз себе (себеуништување). Конфликтите не треба да се спречат,тие се наше нужно секојдневие, но треба да се разберат и решат со вообичаеното цивилизациско решение – компромис! Но дали секогаш?

Компромисот може и да не остави во незадоволство и фрустрација која го разгорува проблемот. Компромисот може да има моментален ефект на ,,розови очила” , а за решавање на проблемот ни требаат критички очила (оценувачки очила). Две важни нешта се самоконтролата (броење до 101) и игнорирање на субјективната причина за конфликт, како би обезбедиле конструктивен разговор. Неконструктивната комуникација е полна со префрлања, навредувања, осудувања и генерализација ( тоа е кога користиш зборови како ,,секогаш” , ,,никогаш”, ,,воопшто”…) со кои треба да се збогуваме пред да го почнеме разговорот. Наместо да генерализираме со изјави во стилот ,, ти мене воопшто не ме почитуваш” , да се обидеме со ,,не сакам повеќе да ми се обраќаш на таков начин” … Не е лошо да имаме како ,,кец од ракав” по некој еуфемизам од типот ,,ти си паметен но ова што го направи не е паметно” , за да го одбегнеме изразот ,,глупав си”!

Без или со компромис , конфликтите се нашето динамично секојдневие, без нив нема драматичност, тие се нашата реакција на акција или како велат во соседството ,, после сваҕе је слаҕе,,. Во политиката , вистината чека сѐ додека некому не му стане неминовна потреба за обелоденување. Политичкиот ,,шоу тајм” користи одмазнички ( фашисоидни) пориви и ниски страсти со кои хипердеструктивно создава услови за нови одмазди и ниски страсти во недоглед. Политичките аналфабети тешко се дистанцираат од разорното влијание на лошата политиката и во хаотична држава, без демократски потковани институции и правда, не вирее слободна критичка мисла. Разбирањето на стварноста е потисната од владеењето со стварноста – затоа сите ,,бистриме” политика која завладеа со матни води додека ја чекаме вистината како Годо и ништо не можеш, па тоа ти е.

Не верувајте секогаш на соседите, а ако веќе не можете без нив тогаш прифатете нешто паметно и ,,карајте” се по српски, или водете љубов на сите јазици и во сите погледи љубов со животот – оти еден е!

Прочитај повеќе
Татјана Алексиќ

Учениците ја обожаваат поради нејзината непосредност, пријателски однос и смисла за хумор. Професорката по македонски јазик во гимназијата „Корчагин“, Татјана Алексиќ е негувана дама која држи до себе.

Повеќе од Колумни

Маркетинг

Трендинг

ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.