Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

Повторно нови споменици во МакиДонија – Нови Ќеле Кули насекаде…

Колумни

Повторно нови споменици во МакиДонија – Нови Ќеле Кули насекаде…

АВТОР: ПРОФ. Д-Р СОЊА РИЗОСКА ЈОВАНОВСКА

Повторно нови споменици во МакиДонија – Нови Ќеле Кули насекаде…

Најстрашно било да живееш во општество каде околу тебе и за убиство (и тоа на дете од страна на дете) сите си продолжуваат да си живеат и да се препокуваат за „зборообразување“… Изгледа, само малкумина ги допрела болката…

Каде сте сега вие драги родители, професори, интелектуалци, политичари, хуманитарци…сите ве измешав по значење…исто како кога се градела Вавилонската кула и сите зборувале на различни јазици…бидејќи наликуваме на неа, ама, за жал не градиме ништо, туку го разнишавме самобитисувањето, до самоуништување на човековото „Јас“…

Се повампирило времето на злото, Орвел повторно оживеа и само на тој начин го усреќува светот импулсивно… Никнуваат нови подвижни империи, луѓето се капат во крв…Некој убива со умисла, некој смислува самоубиства за да ги прекрие убиствата, се развиолиле пиштоли на свадба ко бајраци…И наместо невестински бомбони кој кумот ги фрла за бериќет и пород на младите се расфрлале куршуми не мислејќи дека можат да го погодат и твоето дете, сестра, мајка, брат, татко, саканата, саканиот…

Убиваат во заседа со промисла, убиваат криминалци, убиваат за криминал, убиваат за да ги замолчат освестените, да ги замолчат сведоците на смрдеата, убиваат за пари, убиваат за слава, убиваат од љубомора, убиваат за имот, убиваат од досада, за разонода…

Но, дали гледате дека децата стануваат убијци туку така…дека надвор кога излегуваат незнаете дали вашето дете ќе го убијат или тој ќе дојде во ситуација за ништо да убие некој човек…

Каде сте сега да станете сите? Колку пати станавте до сега за некое убиство, но само со цел да се добијат политички поени? Зарем убиството на една човечка душа не е убиство за сите, зарем тоа разликува боја, возраст, пол, верска припадност, етничка припадност, политичка страна?

Зарем злосторот не е ист во кое тело убива, зарем срцето е различно за едно битие, а друго за другите???

Дали не се запрашавте дека истото може да ви се случи вам, на вашите блиски?????

Дали знаете колку е страшно да ви убијат некој или да знаете дека некој ваш близок убил некој???

До кога ќе молчиме пред најголемата реалност. а ќе дигаме прашина за кој каква определба имал во самопоимувањето и самопреставувањето???

Дали треба да ни стават сензори кога ќе излегуваме од дома за да видиме што носиме во рацете, торбите, срцето, душата, мислите?

Дајте и тоа нека го направат, па да видиме кој (не)метеж ќе има по улиците…Дали ќе ви биде важно дали некој е “скопјанец’ или провинцијалец, дали е макИдонец, албанец, каубоец или индијанец…Дали е од генерацијата на Кока Кола или Пепси, или пак од генерацијата на Боза и Бунар…

Помина времето кога убиствата ги препишувавте на етничка и верска побуда и додека сите лажно се борат за “својот идентитет“ имаме разнебитување до најдлабоката човекова срж…Секој ден се посилно се слуша лелекот на свемирот и до најодалечените ѕвезди…

До кога ќе ви биде поважно зборообразувањето од реалниот живот? До кога ќе се фаќате за најнебитните нешта, наместо да го гледате светот како целина? До кога ќе ви биде важно само дома да внесете злато и тоа да ви го расветлува срцето и домот? Зарем не помисливте дека ако дојде ветрот од Сибир дека ќе ви ја однесе и палатата со се златото, но и со вас и со сите ваѓи блиски….Ако фати африканска треска, дека нема да ве поштеди и вас? Комарците не бираат кој касаат, но ако се свестиме можеме да ги спречиме…

Се заразивте со чумата „важно колку можам сега да земам, украдам и да бегам“… Или сите гракаат кога нешто ќе слушнат и не се слуша ниту кој, ниту зошто, ниту како зборува и за што? А кога ќе пукне душата на човекот…нешто ве нема…и ко кртови роварите по неважното за кога ќе помине ураганот на “појавното“ почнувате да скокате ко сабјарки за да сосекувате се` што е добро и добронамерно???

И додека Сократ дреме, го гледам Диоген налик на мојот Алеф како со запалена свеќа нешто бара….Мислам дека повеќе заборавил и што бара и што е тоа што го бара и зошто му е…

Родители запрашајте се за вашите деца…Можат да бидат на било која страна секој од нив- Да биде Убиен, или пак, Убиец (двојно убиен)… До институциите одамна не упатувам никаков апел, молба или миг на “препознавање на злото“… Секој ден, со децении… нови инвазии од нови варавари….маршираат во строј и деца и родители и политичари и креатори на “глобалниот Ќеле Кула прогрес“… Ако не се свестиме Црвеното море ќе дојде насекаде околу нас и вечно “ненаситните“ со туѓа крв ќе се хранат стрвно….се` дури не се сотре човековиот род… Новиот ѕвер така стрвен ќе ја распне мрежата за да ги уништи и флората и фауната и и ќе сомеле се`…Страшилото е тука меѓу нас, а ние сме фокусирани кој и што прави, без да водиме сметка на најмилите за да ги освестиме за животот надвор…бидејќи очигледно дека“ Цвеќето на крајот на светот“ започна да расте во секој наш двор….

(За Цвеќето на уништување на светот)
Далечната 1999 година на едно од моите теренски истражувања покрај реката Треска сретнав еден овчар кој имаше 108 години, родум од с. Лажани)

Го погледна цвеќето и ми рече:

– Го гледаш ли цвеќето ќерко? Тоа е цвеќето на крајот на светот. Дали ја гледаш црната точка внатре…таа некогаш беше поголема, а мојот дедо ми рече дека била уште поголема …Е, тоа е срамот на луѓето…Кога ќе почне да го снемува срамот кај луѓето, кога никој нема да води грижа за другиот, кога ќе почнат едни со други да се убиваат, кога ќе почнат брат со брат да се ничкосуваат, а тек кога ќе почнат деца со деца да се убиваат тогаш оваа точка ќе ја снема и ќе дојде крајот на светот. Сега е ко иглен врв. И не гледај ме чудно, ‘ќерко…вистината ти ја зборувам. Природата ја менуваме ние со нашата негрижа на ништо, па ни за самите себе. Ако водиме сметка за другите со нашето однесување, и ние ќе бидеме мирни и ќе останеме ЧОВЕЦИ..

* * *

А зарем тоа не беше и интенцијата на создавањето на човештвото…Зарем ви е сеедно дали сте креаторот или уништувач на се` што е поврзано сите на овој свет

Немам храброст да отидам и да го пронајдам “цвеќето за срамот на луѓето“…Не сакам да поверувам дека до толку отидовме во неповрат..и дека ќе дојде крајот… Зарем не ви е грижа дали и вие делувате и го убрзувате тој процес???

Сакам да можам да ги разбудам човечките души да се разбудат, да ги освестуваат своите деца за вредноста на животот и мирот и спокој во срцето кое е пресек на наученото од дома и она што треба да го научат за секое однесување да донесува прогрес, а не хаос и безредие во било која смисла…

Дали ви убиле некогаш некој????? Мене ми убиле …Ми го убија брат ми…Мојата душа, Мојата животворна моќ…Мојата смисла за живот, Мојата гордост, Мојот херој… и точно 5, 5 години се обидувам да станам и да живеам нормално…Ама нажалост ништо и никогаш нема да биде исто, ниту пак јас…Се` што живеам е само налик на живот…ама не е живот, во ниту еден сегмент од мене и од се околу мене…Бидејќи кога во мирнодобско време ќе ви убијат некој близок, престанувате да верувате во се`…во системот, во блиските…во животот, во поврзаноста на луѓето…и неможам да му се предадам на животот…

Го создадов и Алеф за да ви ја испратам пораката дека сите ние сме само човечки души и дека нема никој право заради ништо ниту да ни ја разнишува смислата за животот, ниту да ни ја убива душата…Алеф ви треба на сите за да знаете зошто сте родиле, зошто на живот сте умреле и зошто мора да продолжите напред. Алеф ви треба за да сфатите дека сите ние сме само точки кои го создаваме светот…и губењето на секоја точка создава празнина и во сликата за животот…и светлина да влези во таа празнина, никогаш ништо нема да биде ниту исто, ниту цело, ниту пак, и ќе ни дава полет за живеење, создавање, пресоздавање….

Водете сметка за другиот, за да си легнете навечер мирно и спокојно, бидејќи без тоа ќе ви станат секојдневие лелците на мајките и сестрите, ќе останат сирачињата и вдовиците, меаните ќе ви бидат пусти…а крвавите илузии ќе станат новите балкански цареви и ќе наздравуваат со мечовите и топовите…

Само толку….

ПРОФ. Д-Р СОЊА РИЗОСКА ЈОВАНОВСКА

Информативна Редакција

Главниот и одговорен уредник на веб порталот Популарно.мк. Ѓорги е перспективен новинар кој со својата креативност и талент го направи Популарно.мк дел од водечките информативни сајтови во Македонија. Во исто време е регионален известувач за CNN од Македонија и главен на продукцијата GPTM Production.

Повеќе од Колумни

Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.