fbpx
Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

Не гледате подалеку од НОСот додека лажни РЕВИЗОРи ве тегнат за нос

Колумни

Не гледате подалеку од НОСот додека лажни РЕВИЗОРи ве тегнат за нос

Гогољ не можел да се справи со сопствената генијалност, луцидно проникнувајќи во карактерот на ликовите алудирајќи на моралната деградација на саканата Русија.

Не успевајќи да изгради позитивен лик во своите дела, станал автодеструктивен и кон себе и кон вториот том на романот ,,Мртви души”. ,,Среќен е писател којшто поминува покрај здодевни, одбивни карактери што нѐ вознемируваат со својата тажникава стварност, и им приоѓа на карактерите во коишто се покажува високо човечко достоинство – писател кој сиот се оддавал на возвишените ликови, сосема откинати од земја… Сите плескаат, летаат по него и трчаат по неговата триумфална колесница… Тој е Бог!

Но поинаква е судбината на писателот кој се осмелува на видикот да го изнесе страшното, потресен талог на оние ситници што го исплеле нашиот живот. Не го признава ова современиот суд и сѐ има да испреврти во прекор и навреди кон писателот…”

Неговото украинофилство бил облик на словенофилство, сугестија на западноевропската романтика да се трага по корените, по белезите на самобитноста и аромата на минатото. Гогољ ја сакал Русија, страдал поради нејзиното морално пропаѓање и се обвинувал што не може да ѝ подари позитивни ликови преку своите дела. Од таа перспектива не можеле многумина да го разберат, но неговите дела живеат во сите перспективи на денешницата во која повторно многумина не може да препознаат и да се препознаат.

Кога бирократијата ќе отежне од полтронерија, на која личното ѝ е пред колективното, кога умислено со кренат нос, со примитивен инстинкт на лажен ревизор и препознатливиот за сите општества ,,шинел” со кој си го купуваш и носиш ,,угледот” дур не ти го украдат, ќе почне да гази врз мртвите души онемоќени од материјална и морална пропаст, тогаш доаѓа време на мајтапење, на влечење за нос. Тогаш глупоќата триумфира над умноста и сѐ оди по ѓаволите. Тогаш никому не му е гајле за идентитетот, затоа што е мртов. Националното богатство е заменето со плацебо инстант материјални добра стекнати преку ноќ, преку ден, преку офшор деноноќни перења на пари од каде излегуваат валканите алишта.

Лажниот ревизор, Барон Минхаузен се живи ликови препознатлив во сите системи, лажњаци и манипулатори во сите системи и сите времиња само со ново име и руво. Чиста сметка и чист образ не може да бидат предмет на уцени и мајтапење, никој никого не може да тегне за нос ако не си го пикаш кај што не треба. Сите ние сме излегле од ШИНЕЛот на Гогољ (Достоевски) , сме го изгубиле носот вдишувајќи ја миризбата на парите и на крајот, сите ќе бидеме евтино продадени како МРТВИ ДУШИ.

Кај ќе ни оди душата и кој ќе нѐ носи на душа…

Татјана Алексиќ

Учениците ја обожаваат поради нејзината непосредност, пријателски однос и смисла за хумор. Професорката по македонски јазик во гимназијата „Корчагин“, Татјана Алексиќ е негувана дама која држи до себе.

Повеќе од Колумни

Маркетинг

Трендинг

Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.