fbpx
Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

ГЕНИЈАЛЦИТЕ НИЗ ИСТОРИЈАТА: Алберт Ајнштајн

Генијалците низ историјата

ГЕНИЈАЛЦИТЕ НИЗ ИСТОРИЈАТА: Алберт Ајнштајн

,,Сакам да проникнам во основните принципи според кои Господ го создал универзумот. Ништо друго не ме засега

Во многу нешта 20 век отскокнува од претходните епохи. Век на две светски војни, атомски бомби, но и спектакуларни научни откритија за спознавање на унивезумот. Крајностите, со сиот свој парадокс, се соединуваат во генијалниот ум на Ајнштајн, чиј истражувачки труд допринел за развој на теоријата на релативитетот, но и за атомската бомба – факт што научникот го прогонува до крај на животот.

Роден во Германија, 1879 година во еврејско семејство. Расте како ексцентрично и некомуникативно дете, незаинтересирано за учење и зборување ( прв пат проговорил на три години). Но, сакал да чита научни книги, да учи физика и хемија, детално да ја анализира секоја мисла и за разлика од врсниците забележувал нешта непоимливи за нив. Кога прв пат ќе види компас станува свесен за некоја невидлива и независна сила, принципи и закони кои управуваат со светот. Има 11 години кога го запишуваат во елитистичко школо во Минхен, со германскиот воен модел на строга дисциплина кон која има отпор.

Заминуваат за Милано, кога Ајнштајн има 15 години, на 16 години паѓа на приемниот испит на Политехничкиот факултет во Цирих и продолжува со средното образование. Прв пат се вљубува во ќерката на професорот по историја, Мари, откривајќи нови животни фази на расаеаност и мечтаење, сублимирано во едно од неговите први териски прашања : ,,што би се случило кога би можеле да ја контролираме светлината користејќи ја за патување”? Конечно се запишува на факултет, за да стане професор по физика. Нема да му се допаѓаат застарените методи на предавања, но ќе му се допадне колешката Милева Мариќ, еманципирана студентка со српско потекло.

Родителите на Ајнштајн сметаа дека не му треба жена која чита книги наместо да готви и поправа чевли, но тој прв пат среќава човек со кого може да зборува на исто рамниште, а да носи здолниште. Без оглед што Милева куца на едната нога, поради прележана болест во детството, нејзиниот интелект е најпривлечното нешто за вљубениот млад научник. По дипломирањето се вработува во Заводот за патенти во Берн, а по смртта на татко му се жени со Милева, која му раѓа два сина, Ханс и Едвард. Во 1905 година за сто дена објавува три научни трудови (за теоријата за фотоелектричен ефект подоцна добива Нобелова награда).

Редовен професор на Циришкиот Универзитет станува 1909 година, период кога ја застапува тезата дека времето не е апсолутна вредност и теоријата на релативитетот, дека и светлината која поминува низ заоблен простор скршнува од својот праволиниски пат. Кога неговата теорија ќе биде потврдена при потполното помрачување на сонцето, научните кругови ќе бидат во шок и Ајнштајн конечно добива светско признание. Но и неговиот приватен живот добива нова димензија, во 1919 година се разведува од Милева и после 4 месеци се преженува, и остатокот од животот го поминува со својата роднина, вдовицата Елза.

За време на нацизмот, во Берлин ќе биде основана Комисија против Ајнштајн за отфрлање на неговите теории, од вкупно 100 признати светски научници, на што Ајнштајн лаконски одговара: ,, Ако се моите теории погрешни, доволен ќе е еден научник да докаже”. На 54 години ја напушта Германија обвинет дека е научник кој претставува закана и нелегално поседување на оружје. Хитлер јавно ги спалува неговите научни трудови и книги ( заедно со делата на Фројд,Томас Ман, Емил Зола, Троцки, Пруст… И сѐ што не е германско). Како голем пацифист стравува дека Германија со Хитлер може да ги искористи неговите трудови за изработка на атомска бомба и заедно со физичарот Лео Силард му пишуваат писмо на Рузвелт. Ајнштајн објаснува дека од детството мразел моќ и сега Господ го казнил изложувајќи го на она што го презира : ,,да имам моќ на генијален физичар кренат на пиедестал”.

Рузвелт во пустината во Ново Мексико гради лабораторија и го заживува проектот ,,Менхетн” за изработка на атомска бомба. Германија капитулира, но не и Јапонија. Рузвелт умира, но не и проектот ,,Менхетн”. На 6 август 1945 година Ајнштајн ќе слушне на радио дека е фрлена атомска бомба врз Хирошима. До крајот на животот ќе се обвинува, ќе биде жесток поборник за формирање светска влада за разорожување и еманципација. Умира осамен, без Елза која умира пред него, тажен поради губењето врски со синовите (едниот боледува од шизофренија).

Последните мигови од животот ги споделува со девојче од соседството во Принстон, на кое му објаснува математика велејќи ѝ на нејзината мајка : ,,во разговорите со ќерка ви повеќе јас учам од неа” – големото дете во Ајнштајн.

Татјана Алексиќ

Учениците ја обожаваат поради нејзината непосредност, пријателски однос и смисла за хумор. Професорката по македонски јазик во гимназијата „Корчагин“, Татјана Алексиќ е негувана дама која држи до себе.

Повеќе од Генијалците низ историјата

Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.