Љубовта е љубов!
Љубовта е љубов, не ѝ требаат паради! Сѐ подраматично во чекалната на ЕУ. Едно исто повторливо сценарио на ултиматуми, контроли и очекувања, само што драмата ,,Чекајќи го Годо на ЕУ” е без уметничка вредност. Навистина ќе биде уметност да се остане нормален и свој на своето, да добиеш без да изгубиш во сѐ поизвесната манипулација.
Зборуваме за солидаризација и хумани вредности, ама по нечии туѓи критериуми, од кои изгледа ќе ни останат само паради. Тие што зборуваат и се повикуваат на солидарност и хуманост, само на тоа и остануваат, на парадни зборови. Во моментов, ништо позагрозено од јазикот наш насушен, му се нафрлија како хиени на ранета жртва. Ние не сме хомофобични, ние сме јазикојадачи, глотофагуси.
Од парадите на „гордоста“ Оскар Вајлд би се посрамил! Како голем интелектуалец и нормален хомосексуалец (оти и кај нив, како и кај стрејт луѓето има нормални и ненормални) не ја криел својата сексуална ориентација, шармантно и на своја сметка знаел да се пошегува. Кога го прашале на граница што има да пријави, им одговорил: ,,ништо, освен себе и својата хомосексуалност”. Генијалец, со визија за хумано општество и солидаризација со различни од себе. Сосема доволни за достоинственост ( што би рекле ,,прауд”) се култура на однесување, должна почит кон легитимноста на правото за различност, интелектуална и духовна реализираност преку општествена одговорност и хуманост.



