„Сексуална азбука“ со Татјана Алексиќ се враќа на интернет просторот
Секс – граматичка категорија: именка од машки род што означува пол, половост. Нема друга именка која уште при самата помисла , пред да се изговори, врши глаголско дејство, удира во мозок, се одбива од sидот на срам, скршнува кај предрасудите и се распрснува во најразлични перцепции.
Терминот секс го носи товарот на лош имиџ, на различни поимања, на крајности, на гордост и предрасуди, на купување љубов и злоупотреби, а секој збор со преставката секс се поврзува со сексуален однос. Ништо не е поавтентично од нашата интимност и начинот на водење љубов, индивидуално колку и отпечаток од прст, исклучително важно за севкупното психофизичко здравје на човекот и сѐ уште најприродниот начин за репродукција. Колку луѓе – толку перцепции за сексот, кој многу често врска нема со љубовта како и љубовта со сексот.
Но ако се сретнат и испулсираат како две срца во едно тело, тогаш ја спознаваш уметноста на водење љубов.Сексот е можност! Дава алтернативи за зборобразување и изведување именка од женски род, нејзиното височество Сексуалност – полова чувственост, во буквален превод. Преводот понекогаш е рамен на предавство, а за буквалистите темата секс и сексуалност може да биде елементарна опасност. Поопасно од незнаењето е површното знаење, приучениот е поопасен од неукиот, што би рекол отец Николај: ,,боји се човека једне књиге” во неговата збирка мудрини ,, Мисли о добру и о злу”.



