Актуелно
ПАКОМАК нуди на свој трошок да ги празни сите контејнери за селективен отпад од пакување на територијата на Град Скопје!
Се почести се поплаките од граѓаните за нередовното собирање на сметот од градските улици кој освен што е извор на непријатна миризба, на овие температури може да биде извор и на зарази. Покрај контејнерите за комунален отпад, неретко такви места каде се натрупува отпад се и контејнерите за селекција на отпадот од пакување на Пакомак.
Во врска со ова прашање, од Пакомак не информираа дека тие соработуваат повеќе од 14 години со Градот Скопје и ЈП Комунална Хигиена Скопје како компанија директно одговорна за управувањето со отпад на територијата на Градот Скопје. Досега од страна на Пакомак се поставени над 500 контејнери за селекција на отпад од пакување од 1,1 до 3,2 м3 во сите општини низ Градот Скопје. Најголем дел од контејнерите се за селекција на стаклен амабалажен отпад (над 350), но и стотина контејнери за пластика/лименки и хартија.
„Изминативе години ЈП Комунална Хигиена Скопје (КХС) со своите ресурси (возила и луѓе) ги сервисира (празни) контејнерите за селекција на отпад од пакување поставени од Пакомак, за што Пакомак плаќа кон КХС надоместок за секој тон собран отпад од пакување (стакло, пластика, лименки, хартија). Сопственоста на собраниот материјал секогаш била на КХС, со право за истиот да приходува со трговија кон трети лица, доколку истиот има комерцијална вредност, без притоа Пакомак да се меша во тие односи. Соработката е многу коректна, иако се уште имаме јавувања од граѓани кои се жалат дека жолтите и сините контејнери се преполни, но тие случаи брзо ги решаваме во соработка со КХС“- велат од Пакомак.



