Боже, прости ни!
Светот врие од неправди и непријатности, страдаат невини луѓе и животни, ја уништуваме драгоцената флора и фауна. Заради туѓи суети, светот е во вечна војна во која најмногу страдаат недолжните.
Боже прости ни – до кога ќе се преправаме дека не знаеме што правиме?! Простувањето е божји дар, способност за контрола на егото, чин на зрелост и доблесност, во сите религии е најблагородниот чин. Низ животот најчеста причина за страдање е немоќта да примиме и дадеме прошка. За простување треба љубов и чисто срце, исчистено од гневови и јадови. ,,Боже прости им не знаат што прават” – Христовите последни зборови, како и една од заповедите ,,Кој тебе со камен ти него со погача” ги имаат истите начела и во други религии, во исламот ,,И на непријателот ако е гладен дај му да јаде”, а големиот Хебрејски празник Јом Кипур е Ден за помирување.
Ние славиме Прочка, еден од најголемите христијански празници после Божиќ и Велигден.Можно ли е на толку многу верници низ светот, да е најтешко да се почитуваат и практикуваат светите верски начела на сите религии, големината на простувањето? Кога сите би биле суетни и горделиви, без чувство за сопствена вина, простувањето би било невозможно, светот би заличил на пекол без можност за чистилиште и рај како во ,,Божествената комедија” на Данте Алигиери. Не е реална ни другата утописка крајност, визија за свет каде никој никого не повредува, па се нема потреба од простување…



