Убавина и здравје
Менструални производи – привилегија или потреба?
Голем број од припадничките на женскиот пол барем еднаш го искусиле оној момент кога им недостасувале менструални производи, па посегнале по различни алтернативни решенија, или пак барале поддршка од други жени. Но, дали некогаш сте размислиле како жените ширум светот кои живеат во потешки услови се соочуваат со период на кој честопати му даваме различни шифри и го нарекуваме „оние денови“ во месецот? Поточно, како изгледа кога потребата станува луксуз?
Кога „оние денови“ за многу жени стануваат тешки за справување, доаѓаме до поимот менструална сиромаштија. Но, дали всушност знаеме што точно овој поим подразбира и зошто е и понатаму актуелен во 21 век? Со цел да се разјасни овој поим, најприближната дефиниција гласи: недоволно образование за менструална хигиена, репродуктивно здравје и менструални производи, недостаток на санитарни услови, пристап до вода, здравствена заштита и лекови против болки.