Актуелно
АЕТМ: Во 2023 година кон домашните е-трговци се слеале 453.6 милиони евра- годишен раст од 15%
Анализа на бројот и вредноста на онлајн трансакциите.
Согласно најновите објавени податоци за безготовински платежни трансакции на виртуелните места на продажба во 2023 година на Народната Банка на Република Северна Македонија, вредноста на вкупните трансакции направени кон интернет продавниците од Македонци дома и во странство, како и од иматели на странски картички изнесува 39,929.2 милиони денари или 649.3 милиони евра, односно бележи пораст од 18% во однос на 2022 година. Притоа, вредноста на направените вкупни е-трансакции од физички лица изнесува 455.6 милиони евра и има пораст од 18.7%, додека правните лица оствариле пораст од 16.3% во однос на 2022 година. Доминира учеството на физичките лица во направените вкупни трансакции со 70.2%. Се зголемува и бројот на вкупните онлајн трансакции, но со помал интензитет на пораст односно 15.2% во однос на 2022 година. Кај правните лица бројот на реализираните вкупни е-трансакции се зголемува за 8.7%, додека кај физичките лица за 17.1% во однос на минатата година. Просечната вредност на направените онлајн трансакции во 2023 година изнесува 33.7 евра и е за 2.3% поголема од 2022 година. При тоа растот на просечната вредност е поголем кај правните лица каде што просечната трансакција се зголемува за 6.8% и изнесува 45.6 евра, додека кај физичките има минимален пораст (1.05%) и изнесува 30.3 евра.





