Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

БИБА ДОДЕВА: „Наша цел е ракот на дојка да се открие навреме и да се намали морталитетот“

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

Интервју

БИБА ДОДЕВА: „Наша цел е ракот на дојка да се открие навреме и да се намали морталитетот“

Секоја помош нам ни значи и секоја облечена розова маичка ни значи. Ако со тоа успееме да потсетиме барем една жена да направи навремен преглед, сме спасиле цело едно семејство, а не само индивидуата.

Бидејќи ракот е проблем на целото општество и овие битки, се наши, заеднички. Нема некоја фамилија, да не познава некој болен од рак или, пак, лично да не била засегната со овој проблем, вели Биба Додева, претседателка на здружението „Борка – за секој нов ден“.

Октомври е, месец посветен на борбата со ракот на дојка, месец во кој се слави животот, но и месец во кој се сеќаваме на сите оние што веќе не се со нас заради тоа што ја изгубија битката со оваа болест. Здружението „Борка“, за да го најави месецот, пред отприлика две недели одржа хуманитарна манифестација „Напред Розово“, синхронизирано во исто време со најголемиот хуманитарен настан во Европа Race for the cure. Какви ви се впечатоците од розовата прошетка? 

– Секој месец во текот на годината е посветен на некој вид на рак, кој ние во БОРКА го одбележуваме, но октомври е некако најгласен, можеби поради фактот дека овој  е еден од ретките ракови каде што имаме излечивост речиси 100 отсто доколку се открие навреме. Па голем број од поддржувачите се токму овие жени и мажи, кои го победиле ракот на дојка. 

Реално, розовата прошетка „Напред Розово“, која се организира и под името Race for the cure. е многу повеќе од розова боја и трка за живот. За нас, тој е симбол на една успешна мисија која ја започнавме во Македонија, под капата на БОРКА пред 14 години. Мисија, да ја подигнеме свеста за важност од навремени прегледи и скрининг програми, важност за достапност на навремена и современа терапија, важност да покажеме дека ракот е повеќе од само бројка. 

Што конкретно подразбира хуманиот аспект, каков е одгласот од манифестацијата, има ли масовна поддршка и расте ли свеста да се биде учесник во неа и од страна на жените кои се избориле и се борат со  карцином на дојка, а и од поединци и здруженија, компании…?

– Да направиш синхронизирани настани во 14 градови во Македонија, во време на пандемија, почитувајќи ги сите протоколи, да мобилизираш граѓани од сите националности, сите вери, сите политички партии да чекорат, да дадат поддршка за една ваква мисија, е огромен предизвик и успех. За мене, лично, најголем. Бидејќи се работи за здравјето на луѓето, се работи за нашите луѓе… мајки, сестри, ќерки, пријателки, баби…  па и татковци и сопрузи, кои исто така ракот на дојка, по некоја игра на судбината, не ги одминал…  

Масовноста за прошетката, а и за сите активности  во целиот месец можевте да ја видите по сите објави на социјалните мрежи и медиуми кои ги пренесуваат пораките на БОРКА и ја поддржуваат нашата мисија. 

Среќни сме дека со секоја нова кампања, сѐ повеќе компании покажуваат високо развиена свест за вклучување во вакви социјални прашања и ни ја даваат својата финансиска и логистичка поддршка при реализација на нашите програмски активности, а голем дел од нив и активно учествуваат во настаните, вклучувајќи ги своите вработени. Секоја помош нам ни значи и секоја облечена розова маичка ни значи. Ако со тоа успееме да потсетиме барем една жена да направи навремен преглед, сме спасиле цело едно семејство, а не само индивидуата. Бидејќи ракот е проблем на целото општество и овие битки, се наши, заеднички. Нема некоја фамилија, да не познава некој болен од рак или, пак, лично да не била засегната со овој проблем. 

Можете ли да ни ги кажете кои сè активности се организираат во рамки на националната кампања за борба против рак на дојка која традиционално вашето здружение ја организира по 14-ти пат?

– Голем е бројот на активности кои ги организираме не само во октомври туку и низ целата година. Оваа 14-та кампања на БОРКА, за рак на дојка, започна во 2007 година и оваа година освен настанот Напред Розово/Race for the cure 2021, ја одбележавме со14-тата Национална кампања за рак на дојка. Имавме многу настани од едукативен карактер, социјалните мрежи константно се користат за информирање за болеста, но и за споделување на приказни од вистински херои кои се соочиле со ракот на дојката. Во подготвка е и книга со 100 прашања за ракот на дојка, а учесници бевме и на неколку интернационални конференции, трибини и настани.  

На мое огромно задоволство, БОРКА е иницијатор за потпишување на Меморандумот за соработка помеѓу балканските здруженија „Еуропа Дона“ – Хрватска,  „Еуропа Дона“ – Словенија, „Женски центар Милица“ – Србија, здружението „Нисмо саме“ од Хрватска и БОРКА. Предмет на овој Меморандум е да се поттикне и засили регионалната соработка помеѓу пациентите, организациите и институциите кои имаат слични или исти цели за промоција на женското здравје како и развој, унапредување и важноста од учество на граѓанскиот сектор во здравствениот систем на државите од регионот. Наскоро е предвидено одржување на Балкански состанок каде што очекуваме да се придружат и останатите здруженија од Косово, Бугарија, Албанија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.

Зошто се добива впечаток дека само во „розовиот месец“ најгласно се зборува за оваа болест?

– Ах. Октомври е многу розов, забележлив, како што кажав, но не само во Македонија туку и во светски рамки, овој месец е посветен на ракот на дојка. Но, ракот не е болест од само еден ден или еден месец. За жал, сите ние кои на некаков начин сме се сретнале со овој непријател, знаеме дека борбата е секојдневна и не престанува кога ќе се спушти розовата завеса :) Ние во БОРКА зборуваме и се соочуваме со ракот секој ден во годината. Секојдневно сме посветени на комуникација и грижа за нашите пациенти и нивните семејства. Се обидуваме да ги решиме проблемите кои се појавуваат во здравствениот систем, да креираме активности за подобро и поквалитетно здравство, лобираме за достапност и промена на услугите за дијагностика… Секојдневно во БОРКА се креираат списоци за децентрализирана достава на не таблетарна терапија која ја правиме заедно со Универзитетската клиника за радиологија и онкологија, веќе втора година од започнување на пандемијата со ковид-19.

Само во месец септември и октомври имавме околу 400 јавувања на СОС-телефонските линии. Секојдневно одговараме и комуницираме на социјалните мрежи за прашања од пациентите и нивните семејства поврзани со болеста; се обидуваме да ги смириме стравовите на пациентите;  волонтерките се несебични во давање поддршка на сите кои нѐ контактираат; последниов период 20-тина перики се доделени бесплатно на жените, имаме едукации, групите за психосоцијална поддршка кои беа прекинати за реализација во живо поради ковидот, пак ќе отпочнат со реализација…

Огромен е бројот на активности кои ги правиме во БОРКА за кои многу често оние луѓе кога ќе дознаат што сѐ е сработено, нѐ „караат“ зошто не сме се пофалиле. Но, јас секогаш велам дека нашата работа е да помагаме, а не да се фалиме. Тој што доаѓа кај нас доаѓа поради мака. А, на маката на луѓето, не се прави популизам и реклама.

Сѐ уште ли за ракот на дојка се зборува како за најчестиот вид рак кај жените. Што вели статистиката глобално, а особено во државата? Дали има оптимистички бројки во стапката на преживување, односно дали „Борка – за секој нов ден“ го одбранува името во суштина – секој нов ден да трае до длабока старост и за оваа категорија жени?

– Во 2020 година, ракот на дојката го надмина ракот на белите дробови како најчеста форма на болеста, сочинувајќи речиси 12 отсто од новите случаи секоја година ширум светот. За првпат, ракот на дојка претставува најчесто појавуван карцином на глобално ниво. 

Инциденцата од овој вид на рак се зголемува, но наша цел е да се открие овој рак навреме и да почне да се намалува морталитетот.

Ние во Македонија треба системски да го решаваме спроведувањето на скрининг програмите кои беа стопирани поради ковид-19.

Треба да се овозможат навремени и брзи прегледи за дијагностика, а не да се чека со месеци за преглед. Доколку ракот на дојка се открие во ран стадиум, преживувањето е 98 отсто успешно. Тоа треба да ни се приоритетите ако сакаме длабока старост.

 Кога одзивот на скрининг програмите ќе биде над 85 отсто и кога нема да се чека со месеци за ехо и мамографски прегледи, кога нема да има по Фејсбук огласи дека се потребни финансиски средства за лекување надвор од нашава држава,  тогаш можеби и ќе бидам оптимист.

Госпоѓо Додева, вашето залагање и вашата посветеност преку активизмот во „Борка“ е евидентен. Од денот кога стартувавте па сѐ до денес, може ли да се каже дека има сериозен прогрес во третманот и во лекувањето на овие пациентки, дали  иновативни и навремени терапии се достапни до жените со оваа патологија?

– Евидентен е прогресот во однос на лекувањето и терапевтските можности, особено за ракот на дојка за кој се достапни голем дел од новите иновативни терапии. Од 2018 година, Министерството за здравство и ФЗО покажаа слух за важноста од приоритизирање на ракот и со централизираната набавка на лекови се овозможи оние скапи терапии кои не беа достапни, сега да бидат достапни за лекување на нашите граѓани. 

Тој тренд треба да го продолжиме со позитивни практики, бидејќи сметам дека само терапиите или само подобрениот скрининг нема да покажат добри и континуирани резултати. 

Потребно е многу повеќе, потребен е мултидисциплинарен пристап при лекувањето со онколошките заболувања, потребна е имплементација на Стратегија за контрола на ракот, функционален Национален регистар за рак, како и системски, законски решенија за промена на позитивната листа на лекови. 

Пандемијата со ковид-19 ни ги покажа сите дупки во здравствениот систем, но и нѐ поттикна да започнеме со стратешки пристап за промени со цел квалитетни услуги и грижа за пациентите со рак.

Дали се зголемува свесноста кај жените да се превенира болеста или, пак, пандемијата ја влоши состојбата и кај новозаболените и кај пациентките кои се борат со карцином на дојка?  

– Свесноста се зголемува евидентно, но јас велам дека тоа е Сизифова работа. Секоја година ни носи нови генерации, нови предизвици и потреба од потсетување за превентивни прегледи. Не само кај ракот на дојка, туку кај сите видови на рак. 

Еве сега сме Моември, па да не ги заборавиме и мажите да посетат уролог, да направат превентивен преглед на тестиси и простата, а не само да се сликаат со мустаќи :))) Но, ноември е во светски рамки месец посветен на борбата со ракот на бели дробови, па перидов БОРКА спроведува јавна кампања и за овие видови на рак.

Психолошката поддршка е клучна за сите жени кои поминуваат низ етапите на болеста, па и откако ќе ја победат потребен им е тој импулс на верба. Освен семејството, кој на овие жени во нашето општество им помага во борбата со интимните стравови? 

– На сите онколошки пациенти и нивните семејста им е потребна помош и поддршка во секој процес во текот на борбата со болеста. 

На почетокот, додека да ја прифатат болеста и информации што сѐ треба да направат и како да го започнат своето лекување. 

Во текот на лекувањето, додека примаат зрачење, додека паѓа косата, додека имаат мачнина од тешките хемотерапии, кога сите прашуваат како си, а ти не сакаш да те прашуваат затоа што со денови не си подобро и мислиш дека ја губиш битката… Помош и поддршка откако сѐ ќе се заврши… 

Ако заврши со губење на саканата личност, поддршка на семејството, партнерот и децата како да се продолжи понатаму. 

Ако има регресија на болеста и излекување, тогаш помош при рехабилитација, реинтегрирање и ресоцијализација на овие пациенти, бидејќи и после ракот има живот! 

Но, една од најтешките борби со која се соочува секој пациент со рак е борбата со прифаќањето на болеста, борбата со сопствените стравови, борбата со самиот себе во секој нов ден.

Повеќе од Интервју

Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.