Лара Иванова: Бев спремна да накиснам на дождот, само за да ги отпеам моите песни на концертот кај Владо
Пејачката Лара Иванова (17) за кратко време стана една од миленичките на тинејџерската публика. Нејзините песни постојано се вртат на радијата, а таа со месеци е на врвот на топ-листите.
Неодамна пееше и на „Макфест“ и ја освои наградата за интерпретација за песната „Душа“. Но, во јавноста веднаш тргнаа коментарите дека Лара требаше да победи. Изненадена е од успехот што го постигна за неполни две години. Вели, уште од дете по цели денови пеела, а најмногу од сè сакала да сними барем една своја песна.
„Сега детскиот сон ми е реалност. Не можев ни да замислам дека моите песни ќе се пуштаат толку многу на радијата, а публиката ќе ги сака. Јас првпат пеев на Суперѕвезда и сега кога ќе си го вратам тоа време во мислите, мило ми е што не се откажав од сонот“, вели Лара во разговорот за „Репортер“.




