Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

Совети од д-р Татјана Гуржанова: Сè што треба да знаат трудниците за безбедно и удобно патување

Интервју

Совети од д-р Татјана Гуржанова: Сè што треба да знаат трудниците за безбедно и удобно патување

Без разлика дали планирате да патувате со автомобил, воз, автобус, авион или дури и со брод, треба да знаете дека овој пат е возможен, но мора да се придржувате на советот на вашиот лекар. Секоја бременост, иако личи на другите, всушност е индивидуална и вашиот лекар ќе ве советува што е најдобро за вас и вашето бебе. 

Летните одмори се во полн ек и сосема е природно да размислувате за одмор. Ако жената е здрава и бременоста напредува непречено, ниту еден лекар нема да забрани патување. За тоа нема никаква причина или медицинско оправдување. Меѓутоа, ако се појават некои загрижувачки симптоми, приказната се менува. Крвавење, болка во стомакот, контракции, отекување на нозете, рацете или стапалата, главоболки, пречки со видот, промени во движењата на плодот (во смисла на намалување на зачестеноста) и температура се само некои од симптомите за кои мора да го информирате вашиот лекар и поради кои патувањето може нема да биде препорачливо. Ако трудницата има зголемен ризик од развој на дијабетес, висок крвен притисок (хипертензија) и спонтан абортус, патувањето не се советува.

На оваа тема која ги засегнува голем број трудници во овој период од годината, разговаравме со д-р Татјана Гуржанова, специјалист гинеколог-акушер, магистер по хумана репродукција и ембриологија.

Многу актуелна дилема кај секоја трудница и многу често поставувано прашање, особено во овој период од годината е дали може да патува, со какво превозно средство да патува и кое се препораките за изложување на сонце. 

Кога треба да се избегнуваат патувања?

Препораките на гинеколозите се дека нема никаква контраиндикација да се патува доколку се утврди дека не се работи за ризична бременост, односно ако е нормална бременост, редовно контролирана и нема никаква опасност за предвремено породување или појава на други патолошки состојби кои изискуваат мирување или хоспитализација тогаш може да се користат сите превозни средства со одредени препораки, различни за секој период од бременоста.

Генерална препорака е да се избегнуваат патувања во првиот триместер до 12-та гестациска недела, бидејки тогаш бременоста е највулнерабилна. Најбезбедно е да се патува од 14-та до 28 -та гестациска недела.

Кое превозно средство е најдобро за трудниците?

При изборот на дестинација, земете ги предвид тамошните хигиенски услови, особено водата за пиење.

Најдобро превозно средство за патување е со авион, нормално во зависност од политиката на авиокомпанијата, до која недела дозволуваат да се лета – повеќето компании дозволуваат до 36-тата гестациска недела, иако постојат и компании кои бараат мислење од гинеколог дека не се работи за ризична бременост и нема опасност да дојде до предвремено породување во текот на летот. Во текот на целата бременост можете да патувате без проблеми, со консултација со гинеколог, а во деветтиот месец проверете какви правила имаат авиокомпаниите за трудниците.

Кога ќе се влегува во авион, би било добро да се побара седиште каде што трудницата ќе може слободно да ги испружи нозете. И кога е веќе авионот во воздух, трудницата да може на секои 15-20 минути да се прошета по авионот за да се овозможи циркулацијата, која во бременоста е секако засегната од хормоните на бременоста, но и од компромитираноста на циркулацијата на долните екстремитети од самата тежина на плодот. Не се препорачуваат долги патувања, подолги од 5 часа, затоа што има поголема опасност за појава на хиперкоагулабилна состојба на крвта кај трудницата, односно зголемен ризик за појава на тромбоза. Секогаш да бидат врзани за време на летот, но појасот да биде врзан под стомакот, не преку него. Во текот на летот, се препорачува трудниците да пијат многу течности, најдобро вода, бидејќи е многу сув возухот во авионот, поради што може да доведе до дехидратација. Некои трудници, особено оние со понизок крвен притисок или оние кои страдаат од анемија, може да почувствуваат блага вртоглавица во авион, заради природната хипоксија поради поразредениот воздух, но тоа е толку минимално, што не би требало да предизвика некој посериозен проблем. Трудниците нема потреба да се плашат дека се изложени на зголемена радијација, космичко зрачење, бидејќи за да дојде до тоа, треба да се лета околу 10 часа секој ден, опасност од зголемено космичко зрачење имаат само оние трудници кои работат во авиокомпании, како персонал во леталото.

Доколку патува со автомобил, како треба да се однесува?

Друго средство за патување е автомобилот, којшто може да биде многу покомотен, бидејќи самата трудница може да го поставува ритамот на патување.  Препораките се исти, задолжително на 30-40 минути да се направи пауза и да се направи мала прошетка околу возилото, заради одржување на нормална циркулација, особено во долните екстремитиети. Возилото да биде добро климатизирано, со отпимална температура, ниту премногу ладно, ниту, пак, претопло. Секако, треба да се консумираат доста течности и да се внесуваат повеќе мали и лесни оброци, за да се поднесе подобро патувањето, бидејќи трудниците имаат нарушена работа на гастроинтестиналниот тракт сама по себе, кој дополнително се влошува со патувањето, затоа е потребно да внимаваат на исхраната. 

Кога патуваат до одредени дестинации, потребно е претходно да се распрашаат за здравствените установи во местото каде што ќе бидат сместени, можеби е добро и да се најават претходно, за евентуално, ако се случи нешто непредвидено, да знаат веднаш каде да се јават.

Најдобро е да избегнуваат патувања со брод или со автобус, на подолги патеки, бидејки овие превозни средства не се пријатни за трудниците.

Неминовно се поставува и прашањето – кога и како трудниците да се изложуваат на сонце и како подобро да ги поднесат големите горештини?

Најдобро да се избегнуваат! Препораките за трудници се строги кога се однесува за изложеност на сончеви зраци – само пред 10 часот наутро и по 17 часот напладне, сè друго е премногу ризично и за трудницата и за плодот. Директното изложување на УВ-зраци во периодот по 10 до 17 часот, во првиот триместер од бременоста (до 10-тата недела), може да има и тератогено дејство. Самата топлина може да предизвика тешка дехидратација кај трудницата и да доведе до колапс, а во исто време го зголемува ризикот од хиперкоагулабилност, односно тромбоза кај трудницата. Предолгото изложување на УВ-зраци може да предизвика и хипертермија кај трудницата и тоа да доведе до контракции на матката и предвремено породување. 

Трудницата секогаш да излегува со шешир со голем обод, кој ќе ги чува лицето, главата и вратот од сончевите зраци, лесна облека од природно влакно, со покриени раце и нозе, мора задолжително да нанесе крем со заштитен фактор над 30 СПФ, бидејќи ако се доведе до изгореници, може да останат дамки по кожата и доживотно, бидејќи кожата под дејство на хормоните на бременост е многу склона кон хиперпигментации. Да се пијат многу течности во текот на денот, најдобро вода на собна температура и да се консумираат лесни јадења, богати со овошје и зеленчук, да се избегнуваат тешки, мрсни и пржени јадења, во текот на целата бременост, а најмногу во текот на летните периоди. 

За крај, да им посакам убави летни одмори, а најмногу од сè им препорачувам на трудниците да бидат опуштени и да уживаат во бременоста, кој е единствениот период од нивниот живот кога го имаат најголемото внимание и нега, од околината, најблиските и од целото општество!

Повеќе од Интервју

Маркетинг

Трендинг

Маркетинг
Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.