Интернет
Марија Ристовска: „Потребно e и понатаму да се работи на подигнување на свеста за потенцијалот и можностите на е-трговијата“ (ИНТЕРВЈУ)
Изминува уште една година која беше особено исполнета со активности за Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, прва и единствена асоцијација која се стреми кон инклузивна е-трговија со мисија да се креира иднина за раст и развој на е-трговијата во Македонија. Дел од успешно реализираните проекти е и првата регионална веб платформа за е-трговија – ecommerce4all.eu која претставува бесплатен информативен портал за клучните аспекти на е-трговија за сите ЦЕФТА пазари (Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово, Црна Гора и Молдавија).
За потребата за развој на ваква интернет платформа, најновиот модул за беџ за верифицирани е-трговци, како и плановите за идната година, зборувавме со Марија Ристовска, проектен менаџер во АЕТМ.
- Асоцијацијата за е-трговија на Македонија – АЕТМ во текот на минатата ја разви првата регионална веб платформа за е-трговија – ecommerce4all.eu. Може ли да ни кажете повеќе за оваа веб платформа – за кого е наменета и што се може да се најде на неа?
Платформата ecommerce4all.eu која е прва регионална платформа за е-трговија претставува бесплатен ресурсен и информативен центар за клучните аспекти на е-трговија за сите ЦЕФТА пазари (Северна Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово*, Црна Гора и Молдавија). Веб платформата се состои од релевантни податоци и ресурси за е-трговија, вклучувајќи основни податоци и индекси поврзани со е-трговија, интерактивни графикони и податоци за развојот на пазарот за е-трговија на ЦЕФТА, како и податоци за клучните аспекти на водење бизнис во е-трговија, кои се структурирани во неколку модули. Веб-платформата има за цел да им послужи на сите компании кои сакаат да почнат да работат со е-трговија на својот домашен пазар, но уште поважно, може да им послужи на нивните планови за ширење на другите пазари на ЦЕФТА.






