Актуелно
АЕТМ и Агенција за пошти заедно ќе работат на намалување на сивата економија во е-трговијата
Претседателката на Асоцијација за е-трговија на Македонија – АЕТМ, д-р Нина Ангеловска Станков и директорот на Агенција за пошти д-р Сретен Миладиноски, потпишаа Меморандум за соработка, преку кој двете страни заеднички ќе се залагаат и ќе придонесуваат кон намалување на сивата економија во е-трговијата и нерегистрираните онлајн продавачи во Македонија.
Сивата економија во е-трговијата и нерегистрираните онлајн продавачи (кои најчесто ги продаваат своите производи преку социјални медиуми) претставуваат нелојална конкуренција на регистрираните е-трговци кои што работат согласно законските прописи, се штетни за репутацијата на целиот сектор со е-трговија и влијаат на губењето на довербата на потрошувачите во онлајн купувањето поради несигурните производи и услуги што ги продаваат, неиздавањето на фискална сметка, како и неможноста секогаш да се остварат потрошувачките права за рефундација на средствата или замена за производите. Намалувањето на сивата економија во е-трговијата и на бројот на нерегистрираните онлајн продавачи се од клучно значење за обезбедување на здрав и одржлив екосистем за е-трговија.
АЕТМ во последните години преку најразлични активности, меѓу кои и потпишување на меморандуми за соработка со различни релевантни институции, активно придонесува кон намалување на сивата економија во е-трговијата и зголемувањето на дигиталната писменост на населението. Воедно, АЕТМ постојано се обидува да ги едуцира граѓаните да купуваат само од регистрирани е-трговци кои се достапни во бесплатниот Регистар на регистрирани е-трговци на кој што АЕТМ работеше изминатата година, а преку многу други активности ќе продолжи да го прави тоа и во иднина.


