Актуелно
АЕТМ и ОПМ со здружени напори против сивата економија за нарачки на социјални медиуми
Со цел намалување на сивата економија во е-трговијата и заштита на потрошувачите, Претседателката на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ), Д-р Нина Ангеловска Станков, и Претседателката на Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ), Д-р Маријана Лончар Велкова, потпишаа меморандум за соработка.
Еден од главните предизвици во е-трговијата е сивата економија која преставува нелојална конкуренција за регистрираните е-трговци чии интереси ги застапува АЕТМ. Истата најчесто се маниферстира преку нарачки на социјалните медиуми, при што потрошувачите се многупати оштетени и не се во можност да ги остварат своите потрошувачки права. Ова пак е од друга страна во интерес на ОПМ која ги штити потрошувачите.
Асоцијацијата за е-трговија во изминатите неколку години презема активности за адресирање на овој предизвик, а главниот фокус во последната година е ставен на само-заштита односно апелирање и едуцирање на потрошувачите. АЕТМ и ОПМ планираат да организираат заеднички активности со цел да влијаат на намалувањето на сивата економија во е-трговијата, да ги едуцираат потрошувачите како да ја избегнуваат сивата економија и да го поттикнат купувањето на интернет од регистрирани е-трговци со цел да се поттикне дополнителен раст и развој на е-трговијата во Република Северна Македонија.



