Актуелно
Отворени нaд 60 нови е-продавници во Македонија и Албанија преку проектот „Дигитално подготвени за Е-трговија“
Во текот на вчерашниот ден, Асоцијацијата за е-трговија на Македонија – АЕТМ одржа бесплатен едукативен и нетворкинг настан за е-трговија, на кој присуствуваа над 150 учесници од целата земја. Во рамки на настанот, кој се одржа во иновацискиот центар „Innox“, се организираше панел дискусија под насловот „Ефективен маркетинг во е-трговија – Како со малку да направиш многу“, на која своето бизнис искуство пред присутните го споделија реномирани македонски е-трговци.
Овој настан воедно претставуваше и завршен настан на проектот „Дигитално подготвени за Е-трговија“, поддржан од Проектот на УСАИД за економски развој, управување и раст на претпријатијата (EDGE), а имплементиран од Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ) во соработка со Албанската асоцијација за е-трговија. Во рамки на настанот беа промовирани и поддржаните бизниси и новоотворените е-продавници кои беа дел од реализацијата на проектот.
Станува збор за 30 домашни микро, мали и средни претпријатија, како и регистрирани индивидуални производители кои добија поддршка за зајакнување на своето онлајн присуство и унапредување на вештините и знаењата потребни за раст во дигиталната ера. Во рамки на овој проект на ист начин беа поддржани и 30 компании во Албанија, преку соработката со Асоцијацијата во оваа земја. Проектот не само што ги унапреди дигиталните вештини на вкупно 60 компании од двете земји, туку им помогна и да отворат дополнителен канал за продажба – преку поврзување со локалните „маркетплејс“ веб платформи за е-трговија.





