Колумни
Простувањето е божествено
„Една од нашите најкобни слабости е желбата постојано да го носиш товарот што сакаш да го отфрлиш. Има ли нешто поглупо од тоа да се грозиш од себе, а да се чуваш себеси, да ја милуваш змијата што те јаде додека не ти го изеде срцето“ – Волтер во делото „Кандид“.
Исто како смирената љубов и простувањето има огромна сила, најсилна од сите, и нема рамна на светот. Набљудувај се секојдневно, секој ден и секој час изгледот да ти биде блажено смирен, убав, ангелски чист, од устата да ти се разлеваат добрини од доброто срце и душа. Да го сакаш грешниот е божја љубов и врв на љубовта земна! Но дали сме моќни да простуваме и да го заборавиме сопствениот и туѓиот грев, нанесена болка, неправда…?
Чувајќи го гневот во себе, се казнуваме и себе и својата околина, горчината ни се всадува во срцето и како горчлив пелин ни ја труе душата, „како змија во гробно комарче ни се вовлекува во свеста “ – стих од песната на Конески „Болен Дојчин“.



